За себе Јане вели дека е хибрид помеѓу интроверт и екстроверт. Сака луѓе, но не колку што сака кучиња. Пие абнормални количини на кафе и токму кафето со неговите луѓе е тоа што најмногу му фали во моментов. Флуентен во англиски, серии и анксиозни напади и иако знае дека книгите се неспоредбено подобри, секогаш ја чека филмската адаптација на истите. Иако има завршено постдипломски студии од областа проектен менаџмент се занимава и со фотографија и ни одговори на неколку прашања поврзани со фотографија.
За фотографирање се заинтересирав… најверојатно кога го добив првиот смартфон и кога всушност увидов што сè е можно со една обична камера. Имајте на ум, растен сум во време кога, барем јас лично, немав пристап до high end телефони или апарати, но тоа што
го имав страшно си ја бркаше работата сè до моментот кога рестрикциите кои ги создава камерата на телефон беа премногу ограничувачки за да го постигнам тоа што го сакав.
Прва фотографија ми беше… иако не се сеќавам, тоа мора да биде некоја слика кога сум бил на екскурзија и кога се сликавме со се и сешто. Се сеќавам дека еден период имавме аналоген апарат, но Јане генијот го избриша филмот веднаш по рециталот на сестра му и од тој момент никогаш повеќе не го ни видов апаратот. Судејќи според мојот Инстаграм feed, тоа е фотографија од крикет запалка ако се сеќавам добро. Groundbreaking, знам
Инспирација за фотки добивам од… сè и ништо истовремено. Некогаш тоа може да биде било што од околината, а во други ситуации пак, ништо не е доволно добро и не можам да најдам катализатор на инспирација. Во најголем број ситуации, најдобрите фотографии се резултат на самите субјекти и развојот на процесот и она како тие почнуваат да се доживуваат пред објективот што честопати не е однапред испланирано, што значи дека самите тие се инспирација сама по себе.
Фотографијата има моќ да… инспирира и да ве натера да чувствувате. Колку и да звучам клише, мислам дека причината поради која сите сме магнетизирани кон одредени фотографии е токму емоционалната вредност која ја имаат тие за нас. Независно од типот на фотографија и колку не се однесува лично на нас, светот го доживуваме преку нашите сетила и мислам дека ретко кој медиум ја има моќта да раскаже приказна без никакво објаснување и нарација. Моќта која ја имаат фотографиите лежи во слободата на нивната интерпетација и можноста да се идентификувате со нешто што навидум не се однесува на вас, но ве потсеќа на нешто слично од вашиот живот.
Фотографи кои редовно ги следам и ја почитувам нивната работа се… Lina Tesch, Ziqian Liu, Аlessio Albi, Marta Bevacqua и се секогаш меѓу првите кои ми паѓаат на памет. Иако не можат да се пофалат со фотографија од Џон Ленон, часови пред неговата смрт како Annie Leibovitz, ова се исклучително талентирани луѓе кои се врвни фотографи.
Знам кога една фотографија е „совршена“ поради… Сметам дека ниту една фотографија не е совршена независно од тоа колку „совршено“ е едитирана, ретуширана, концептуално составена и сл., мислам дека не постои таква мерна едицина со која би се квантифицирала вредноста на една фотографија. Кога станува збор за комерцијална фотографија, се разбира дека постои репер или стандард на „совршенство“ кој треба да се постигне со цел сликата да се пушти во принт и слично меѓутоа тоа не значи дека колку посветкава е фотографијата толку е повредна или „посовршена“ од друга. Сметам дека како општество самиот термин, „совршенство“ го користиме неодговорно само со цел да класифицираме нешто што е
неостварливо или нереално.
Неостварена желба ми е… да имам само 10 минути за еден портрет на Grace Coddington и да акумулирам што е можно повеќе знаење во тие 10 минути.
Проект/фотограф со кој би сакал да работам… е повторно Grace по можност на кампања за McQueen, a доколку тоа е невозможно, доволно ми е само да продолжам да фотографирам. Време има сè помалку така да, што и да е, кој и да е, каде и да е, само да фотографирам.