Вистинскиот сос во комбинација со вистинската форма на паста создава гастрономска магија. Можеби не секогаш размислувате за тоа кога купувате паста, но формата што ќе ја одберете игра важна улога во исходот на оброкот. Правилната форма може да го направи добриот сос одличен, а погрешната форма може да ја намали привлечноста дури и на најдобриот сос. Постојат приближно 350 различни форми на паста, а сите тие форми имаат околу 1.200 различни имиња. Италијанците знаат дека е многу битен обликот на паста и како тој функционира најдобро во одредено јадење. Погледнете неколку од најпопуларните видови на паста со кои сосови треба да ги послужите.
Farfalle
Оваа паста со форма на машнички, обично се ужива во текот на летото со многу свеж, сезонски зеленчук, со лесни и свежи сосови. Поради нивната форма тие не задржуваат голема количина на сос. Исто така, овие тестенини поради интересната форма се популарни во рецептите за салати.
Fusilli
Оваа извртена паста има многу слоеви кои се совршени за привлекување и задржување на сосот. Песто сосот и арабијата сосот одат особено добро со оваа форма. Исто така, одлично се комбинираат и со други потешки сосови, како на пример сос од домати со многу зачини или болоњезе сосот со месо.
Penne rigate
Формата на оваа паста ја прави да одговора со речиси секој вид на сос, а можеби најмногу со сосови кои се со многу различни состојки. Одлично одат со сосови кои имаат многу сирење или пармезан и се најпогодни за печење.
Spaghetti
Најпознатата форма на паста во светот е исто така една од најразновидните. Шпагетите одговараат со многу различни сосови, иако најдобро одат со полесни сосови како на пример со едноставен сос од домати и босилек.
Tagliatelle
Оваа долга и широка паста може да задржи неверојатно богати, тешки и густи сосови, благодарение на нејзината поголема површина. Како оригинален облик на паста, таљателите се комбинираат со болоњезе сосот, но исто така одговараат многу добро со кремасти сосови.
Conchiglie
Формата на отворена школка, супер функционира со сосови од домати и фактот дека секое парче има голема празнина значи дека може да собере голема количина од сосот внатре, задржувајќи многу течност и други состојки. Сосови како што е путанеска и сосови со многу зеленчук се совршени за овој тип на тестенини.
Linguine
По форма се многу слични на шпагетите, само малку повеќе сплескани. Најдобро одат со лесни сосови со морска храна и домати, а важно е сосот да не е премногу густ и тежок. Пример за сос за оваа тестенина е сосот со бело вино, маслиново масло и школки.
Tortiglioni
Широки, долги и шупливи, тоа значи дека со овој тип на тестенини најдобро одговараат густи и тешки сосови. Комбинации на зеленчук со печурки, леќа, маслинки и колбас. Нивната големина дозволува сосот да ја исполни внатрешноста.