Дискографската куќа „ПМГЏЕЗ“, во Младинскиот културен центар, ќе реализира серија од три концерти во живо на македонска џез музика и современа класика.
„ПМГЏЕЗ“ се враќа со серија концерти во живо, секако приспособени „според реалните услови на пандемискиот живот, но со несмален ентузијазам и страст за презентирање квалитетна музика. Се работи за 3 последователни концерти, со кои се промовираат три актуелни изданија на куќата.
Првиот концерт е посветен на рецентното издание на Јордан Костов Квинтет, со наслов „Come Back“, кое публиката ќе има можност да го проследи утре, на 26 февруари во Кино Фросина, Младински културен центар Скопје.
Јордан Костов е еден од највредните и најинтригантни ликови на современата македонска џез сцена. Композитор, хармоникаш и инспиративна фигура, со веќе 4 изданија за PMGJAZZ. „Come Back“ е насловот на најновото издание, кои деновиве се појави на pmgjazz.bandcamp.com и сите добри интернет музички платформи. Во формацијата Јордан Костов Квинтет, освен авторот на хармоника, партиципираат и Андреа Мирческа (контрабас), Филип Букршлиев (гитара), Дамјан Грујо (перкусии) и Драган Теодосиев (тапани). Се работи за силно маркантна и сонично флуентна екипа на млади, но беспрекорно талентирани музичари, кои и самите се автори во сопствени проекти. Нивната соработка е мошне плодна и се протега на неколку изданија и повеќе настапи во живо. Музика која ја работат во овој квинтет главно освојува на прва, понекогаш на втора… во секој случај гарантирано следи комплетно разоружување на слушателот. Извонредни млади личности и квалитетни музичари, кои благо речено го заслужуваат вашето потполно внимание.
Концертот ќе се одржи во петок, на 26 февруари, во киното Фросина, со почеток во 20 часот. Влезот на публиката е закажан за 19:30, според сите протоколи за безбедност. Се разбира, задолжително е носење маски и одржување на адекватна дистанца. Бројот на билети е строго ограничен на 70, што покрива една третина од капацитетот на салата, а нивната цена е 300 ден. Билетите можат да се набават онлајн преку веб страната на Младински културен центар Скопје, или на билетарата на оваа градска институција.
На 5 март, следи концертот на нашиот еминентен пијанист, а сега и композитор, господинот Дино Имери, кој за ПМГЏЕЗ, неодамна го издаде извонредниот соло пијано албум „Reflections“.
Последниот концерт е планиран за 12 март, а својот албум првенец, ќе го претстави триото на Филип Букршлиев. Свежа и возбудлива понуда, која ќе ги заинтригира вистинските сладокусци и познавачи на локалната вибрантна сцена. Можност за авантура, со досега неслушната оригинална и автентична музика, на новата гарда домашни композитори.