На 31.12.2020 заврши отворениот повик за креативни идеи на тема „Другите“ кој го објави платформата „Портрет“ во соработка со Фондацијата Фридрих Еберт. Целта на овој повик беше нашите читатели да испратат слика, фотографија, текст, песна, илустрација или на било кој начин да се изрзазат како ги гледаат луѓето околу себе. Ви упатуваме голема благодарност за сите ваши инспиративни и креативни дела што навистина пристигнаа во голем број. Секое од нив е доказ дека во нашата држава постојат луѓе кои имаат развиено висока свест за прифаќање, разбирање и споделување на различностите. Различните перцепции на делови од нашето секојдневие кои кандидатите ги претставија, ни покажаа дека во секој од нас може да се најде емпатија, топлина и убав збор за другите околу нас.
Нашата жири комисија во состав: Горјан Ѓоргиев, академски сликар, Сибел Бајрам, просветна работничка и активистка, Владимир Мартиновски, книжевен теоретичар, писател, поет, преведувач и Арбнора Мемети, фоторепортерка ги разгледаа сите пристигнати апликации и во следното видео го образложија својот избор на победници.
Уште еднаш ви благодариме на сите што бевте дел од проектот „Другите”, што ни ја вративте вербата во заедништво, соживот и меѓусебна поддршка. Интервјуата со наградените кандидати: Лидија Димковска, победничка во категорија литература, Ангелина Велкова, победничка во категорија уметност, Софија Петкоска, победничка во категорија активизам и Марија Поповска, победничка во категорија фотографија, ќе бидат објавени во мартовското издание на магазинот „Портрет“ што излегува наскоро. Исто така во зависност од условите кои ни ги наметнува светската пандемија на Ковид 19, ќе биде организирана изложба од поширока селекција на испратените дела организирана по сите здравствени протоколи и истите ќе бидат објавени во печатена брошура. Во прилог победничките дела.
Лидија Димковска
Софија Петковска
Марија Поповска