„Несреќата буквално ми го промени животот и моите вредности засекогаш, но верувам дека со напорна работа ќе се вратам уште повеќе“.
Позитивата на Филип и во најтешките моменти кога некој се соочува со последици по здравјето нè инспирираше да го интервјуираме и да научиме од него за тоа како упорноста е таа која најмногу се исплати во поголемиот дел од животот.
Сте се соочиле со тешка несреќа при скок во базен, по што сте биле парализиран од вратот надоле одредено време. Ќе сакате ли да ни раскажете за повредата и што следеше потоа?
Повредата се случи буквално поради секунда невнимание, откако рипнав на глава торпедо стил (со рацете позади грб) по што се забив со главата во дното од базенот во еден камп во Прага. (не забележав дека скокам во плиткиот дел од базенот). По ударот во дното осетив огромна болка отсечна во вратот на секунда, по што потоа секундарно престана да ми работи телото од врат надолу и почнав да се давам беспомошно. За моја огромна среќа, бев забележан од мојот голем другар Петар Спасовски (морам да го пишам вака со име и презиме) кој ме извади безбедно без нагли мрдања на вратот од базенот. Една пријателка од Норвешка која се најде на лице место и која работеше како медицинска сестра, знаеше веднаш каква глупост сум направил. Ме смири, утеши и веднаш нареди да повикаат хеликоптер за итно да бидам преместен во болница. Хеликоптерот ми се чини дојде за десетина минути, па за вкупно некаде дваесетина минути веќе бев пренесен во болница во центарот на Прага. Како што дојдов, буквално како мевце те шетаат по ленти ренгени, магнети и други испитувања пошто бев неподвижен тотално. Памтам дека постојано прашував едно исто прашање, дали ќе одам некогаш повторно??? Сите само ме смируваа и се обидуваа да ме утешат од една многу гадна реалност, барем оние малкуте кои зборуваа англиски јазик. Дојде докторот после дваесетина минути и ми ја соопшти веста дека го имам упропастено и згмечено шестиот вратен пршлен и дека мораат итно да ме оперираат. Ми ја објасни целата оперативна процедура која ја планираат, мислам дека тогаш многу малку го разбрав докторот што ми зборуваше, само се согласував на сè и им реков правете што морате да ме вратите, ви верувам, ионака немам некој избор. Инаку докторот беше 35 годишен мастер кој ме скрпи за 100 мин. (вечно благодарен!) Околу операцијата, ми беше земена коска од левата бутна коска која потоа ја фиксираа за скршениот пршлен со титанумска плоча и 6 саморезни штрафови од петтиот до седмиот вратен пршлен кои ќе си ги носам до крајот на животот.
Како се чувствувавте кога ви ја соопштија дијагнозата?
Чувството беше дефинитивно најгадното и најтешкото нешто што го имам слушнато во животов досега, особено поради фактот што досега имам скршено многу коски во телово, но ова дефинитивно беше најголемата повреда што сум ја имал досега. Пред операцијата и потоа, моето единствено прашање беше дали воопшто ќе проодам некогаш? Чувството да не можеш да мрднеш со ниеден екстремитет (ниту прст) е многу тешко и гадно, што можат да го знаат само луѓе кои страдале од истава повреда. Нешто што посакувам никој да не го доживее. Ниеден од докторите и хирурзите кои ме следеа таму не можеа да ми кажат што ќе се случи со мене и дали воопшто ќе проодам некогаш. Се навраќав на ситуацијата во глава, со прашања и гнев зашто си го направив ова, но веднаш после првиот ден некако се помирив со сè, бидејќи колку и да сакаме сите, времето не можеме да го вратиме назад. Си реков тоа е реалноста сега, одиме во борба од ден за ден, но мора да станам! Џабе ќе се тормозам со прашањата од типот леле што си направив? Како можев ваква глупост да направам? Сметав и тогаш за среќа дека тоа е бесполезен loop, од кој нема да излезам со позитивна мисла. Си реков Фиљо тоа е тоа, нема назад, има само напред. А како ќе продолжиш напред, зависи само од тебе!
Како изгледаа деновите после операцијата, што ви поминуваше низ глава, дали во одреден момент мислевте дека веќе никогаш нема да стапнете на нозе?
Првиот ден по операцијата беше најтежок, се разбудив тек вечерта во шок соба испосечен со катетри, тотално неподвижен. Во странство, во друга држава далеку од дома, без фамилија и пријатели околу мене. Едноставно не знаев што ќе се случи со мене, дали ќе бидам зависен од други луѓе до крајот на животот за основни функции во количка, дали ќе останам со голем инвалидитет до крајот на животот и така натаму. Буквално коктел од емоциии и нејаснотии. На почетокот мислев дека никогаш нема да стапнам повторно на нозе, со оглед на фактот дека ја познавам многу добро таа повреда од познаници кои го доживеале истото, и знаев дека е скоро невозможно да се вратам на тоа што сум бил претходно. Сепак некако потајно многу посакував и се насочував со мислите дека ќе го пребродам и ова. На почетокот целта ми беше да проработат барем рацете, за да би можел сам да се движам со количка, па потоа се насочив кон тоа комплетно да се вратам и со одот. Мислам дека главна мотивација за да станам на нозе беше чувството на страв и лутина дека мајка ми ќе треба повторно да бутка инвалидска количка во животов, нешто што не можев да го дозволам во никој случај (Татко ми беше во инвалидска количка околу 5 години, по што почина од АЛС кога имав 6 години). Си повторував во секој момент: „Нема шанси ова да и го направам на мајка ми! Морам да станам што е можно поскоро, и ќе станам!“ Брат ми, кој ми е и татко на некој начин цел живот, дојде уште вториот ден да ме посети во болницата со првиот можен лет. Кога му го видов тажниот поглед кон помалото братче унаказено, ми се скрши срцето. Тој момент мислам дека никогаш нема да го заборавам. Тоа ми даде огромна дополнителна сила и мотивација дека МОРАМ да станам.
Сепак со голема волја и физикални терапии успевате по осум дена од операцијата да застанете неколку секунди на нозе по што се раѓа надеж дека сепак ќе успеете да се опоравите. Како изгледаа тие неколку секунди тогаш?
Поминаа седум дена од операцијата, петтиот ден бев преместен од шок соба во спинално одделение, кое е специјализиран отсек за спинални повреди. Во одделението бевме осумнаесетина пациенти, од кои барем десетина беа со истата скок повреда на вратните пршлени. При приемот главната докторка на оделението ми соопшти на мене и на брат ми дека ќе треба да останам минимум два месеци во тоа оделение, како би ме оправиле барем за транспорт назад во Македонија. Тука веќе знаев дека ептен сум заебал работа, но од друга страна кога ги видов условите и се помирив (далеку понапредно е сè од Македонија). Болницата изгледаше како НАСА за спинални повреди. Како што ме примија почнаа да вежбаат терапевтки со мене, претежно вежби од кревет со разни апаратури и масажи. Од нигде никаде, почнав да мрткам по малку со прстињата на нозете и рацете, што беше за мене вистинско чудо. Откога почувствував дека ги мрдам прстите знаев дека останува работава на мене сега. Си реков конекцијата и нервните сигнали постојат со мозокот, не се пресечени и мртви, што значи дека имам поголеми шанси да се вратам колку што можам. Продолжија вежбите и мојата желба за станување гореше, особено со оглед на фактот дека сум и тежок инает. Бидејќи имате многу слободно време кога сте неподвижен, секоја секунда е како вечност, па почнав да си правам видео анимации во главата како си го оправам пршленот сам себе (како видео игра со врзување на нервни завршетоци). Можеби звучи чудно, но тоа беше мојот начин на дополнително самопомагање во тие тешки мигови. Некако бев убеден дека ќе се опоравам и таму и ги насочив сите можни мисли. Ќе станам, морам да станам, нема друга опција. Шестиот и седмиот ден почнав да правам мали помрднувања на нозете и рацете што ме мотивираше максимално. Брат ми беше секој ден во болница со мене во часовите за посета. Да не беше дојден мислам дека немаше да станам никогаш. Многу голем дел од моето стануваање беше најдобрата терапевтка која можев да ја добијам, младата Ленка Баштарова, која беше доволно луда како мене, да пробуваме вежби и работи кои се за понапредни пациенти. Сабајлето на осмиот ден, со оглед на помрднувањата кои ги имав во екстремитетите, ме праша дали сакаш да пробаме да станеш денес со помагала и моја помош. Веднаш се согласив без никаков сомнеж, едвај чекав. Ме облекоа во тесни хулахопки како балетан, ме подготвија со помагалата и со нејзина помош стапнав на нозе првпат после 8 дена повторно во животот. Ми се слоши за две секунди и потоа со нејзина помош седнав на креветот во исправена положба. Ме праша сакаш ли пак да пробаме? Одма и кажав одиме пак, без трошка страв и сомневање. После минута пауза пробавме пак, овој пат останав на нозе десетина секунди. Тие десетина секунди ми беа сè што ми требаше во тие моменти како психички буст за да се вратам. Таа шанса што ми се даде од горе немаше теорија да ја пропуштам. Знаев дека после тоа станување, веќе јас сум на ред, дека сега останува на мојот труд, желба и инает да се вратам максимално. Потоа следуваше период од два месеци во болницата со секојдневни нови предизвици. Буквално учев да проодам од почеток како мало бебе, дури си имав и пелени и катетерче со недели 😊 Беше многу напорно и тешко, но како што кажав бев решен да се вратам. Искрено ми се чудеа сите на одделението и болницата од начинот на кој тренирав (можеа да ме забележат секој ден како вежбам на справите и точаците и покрај три терапии дневно во текот на ноќните часови. Не им се веруваше на докторите како станувам на нозе после таква страшна повреда, го немаа видено досега тој прогрес за толку кратко време. После првото станување на нозе, многу бев среќен и знаев во себе дека се враќам, па одлучив брат ми да не ме гледа во маките и да си оди накај Скопје веднаш по денот од кога станав. Сакаа да дојдат многу луѓе но одлучив да не им дозволам да ме гледаат така, па продолжив сам во болницата два месеци да се борам. Контактот со домашните ми беше преку вибер и други социјални медиуми, од кои ја добивав најголемата поддршка од фамилијата и пријателите. После станувањето, совладував најразни средства за помагала, додека на крај да почнам да се движам без штаки после првиот месец. Одев како робокап да, но сепак одев 😊
Вашата позитивност и упорност е забележлива од прв поглед. Од каде ја црпевте енергијата да се посветите на тој начин, дали ви беше тешко во одредени моменти, покрај физичкиот напор?
По природа уште од дете сум многу позитивен и енергичен, но и склон на секакви повреди. Имам доста скршеници и лузни низ телово за мојата возраст, но секогаш сум се спасувал за моја голема среќа. Исто така сум огромен инает, што за среќа ми се погоди ептен во ситуацијава. Најтежок беше психичкиот напор и неизвесноста. Особено тешко и беше на мојата фамилија. Искрено за мене лично не ми беше жал, најмногу се секирав за мајка ми зашто досега ѝ имам приредено многу вакви изненадувања со повреди, се надевам дека после ова нема да и приредам уште некое 😊 Физичкиот напор е секогаш тежок, но мојата цел беше многу висока. Се сеќавам дека имав рана на коленото по пад од мотор пред да заминам за Прага, која со секоја физикална терапија ја разранував и крварев. Терапевтката цело време ми се извинуваше на што и враќав со смеа, „не се секирај ти за тоа само козметика е, ти стани ме на нозе после ќе му ја мислиме на тоа“ 😊 Имаше многу тешки моменти и вежби, но со Ленка (терапевтката) секогаш ја буткавме границата погоре и ризикувавме со поинтензивни тренинзи за добри резултати. Имав привилегија да слушам панкови, метали и останати музики за време на терапиите како дополнителна мотивација во вежбањата. Имаа врвна технологија и апаратури за терапиите во болницата. Ако ги споредам со македонската во 8-ми септември, би изгледало како некој модел на Тесла VS Југо корал 45ка. На страна од терапиите со терапевтката, секоја вечер се корнев од вежбање дополнително, и шетав низ болницата со помагалата. Со сестрите се смеев во вечерните часови и ги подмитував со разни чоколади, за да ми дозволат да се шеткам наоколу. Мотивацијата ја црпев буквално од многу извори по малку, секој момент и подобрување од минатиот ден беа бесценети. Ново движење во раката, ногата итн. Секој ден имаше некоја новина и подобрување во мојата состојба, па веројатно беше on the go. Еден од главните мотиватори што се погрижи за мене и мојата психа во Прага е брат на другар кој живее во Прага веќе 13тина години и морам да го спомнам (Сашо Петров), кој меѓу многу други работи ми донесе и секс кукла на надувување, која стана главната атракција во одделението. Морав секој вторник да ја кријам во плакарот за време на неделните посети од примариусот, но сестрите ја обожаваа 😊 Да не се разбереме погрешно, куклата не беше злоупотребувана, стоеше како балон во соба за смеење на сите посети кои ги имавме јас и цимерот 😊 Исто така морам да го спомнам и другарот Александар Трајковски кој ми доаѓаше на посети и ми носеше сè што ми е потребно. Ми донесoа торти и пивце за роденденот кој го имав во болницата, па го испивме со цимерот и плус бапнавме по една вигор мала вотка во соба во чашите кои служеа за апчиња што ги скривме од сестрите 😉 По враќањето во Скопје, со терапии продолжив во Воена болница околу 6 месеци, па потоа во „Систина“ ја лекував дланката со струи и помагала кои ги немаше во Воена болница, сè до почетокот на Ковид кризата која на некој начин ми ги пресече терапиите. Сè на сè со терапии и вежби бев околу 22 месеци, бидејќи сите доктори ми кажуваа дека имам 24 месеци да се вратам колку што можам со терапии, после тоа шансите за опоравување паѓаат драстично кон нулата. Сепак за мене вежбањето никогаш нема да престане, имам вежби за вратот кои треба да ги правам до крајот на животот, со оглед на фактот дека титаниумот ќе остане во мене засекогаш.
Како се чувствувате денес по две години од несреќата со оглед на тоа што сте скоро целосно опоравен?
После две години од несреќата се чувствувам одлично, максимално среќен што можам да живеам нормален живот, без разлика на фактот што сè уште имам некои последици од повредата (левата дланка сè уште не ми работи нормално со одредени лимитации, ослабена моторика на левата половина од телото и нарушен сензибилитет на десната страна од телото, односно не чувствувам топло, ладно, болка итн..) Тоа што ми е мене најтешко е фактот што имам забрана за 90 % од спортовите со кои сум се занимавал, но тоа е што е, ќе се адаптирам и фокусирам на тоа што можам. Најголема радост ми дава тоа што можам повторно да возам точак, да вежбам, пешачам внимателно по планини и останати спортови со кои сепак можам да ги практикувам како замена. Сепак секојдневно треба да внимавам многу бидејќи буквално еден мал пад, судир со кола итн може да ми направи огромни проблеми. Гледам да не мислам на тоа, едноставно гледам да си го живеам животот надвор од стакленото садче. Иако докторите прогнозираат дека нема големи шанси за подобрување по изминатите 24 месеци од повредата, јас си терам по свое и продолжувам со напорно вежбање. Верувам дека со напорна работа ќе се вратам уште повеќе, па можеби ќе дојдам и до тоа ниво на 100% recovery. Никогаш не се знае 😊
Од кого ја добивавте најголемата поддршка?
Најголемата поддршка се разбира ја добивав од мојата најблиска фамилија и пријатели. Иако беа далеку од мене на почетокот, со технологијава и видео повиците гледав да ги мотивирам во секој момент. Секако имаше ситуации на демотивација и пукање во мене, но секогаш гледав за време на тие видео повици да останам насмеан и позитивен, без никој да примети дека сум паднал психички на моменти. Зашто беа сите далеку од мене, можев да си дозволам да подлажнувам дека сум одличен, секако со добра цел како не би ги загрижувал беспотребно 😉
Што ви беше најголем предизвик во текот на лекувањето?
Мислам дека најголем предизвик во текот на лекувањето беше првото станување. Пред тоа мотивацијата беше на друго ниво. Штом станав, после тоа најголем предизвик си бев сам себе, и константно си ги поместував целите и рамките на можности, бидејќи цело време си поставував поголеми цели кои на моменти беа недостижни. Терапиите беа секако исцрпувачки и многу тешки, но кога влогот е толку голем, даваш се од себе. Многу од пациентите беа исплашени за време на вежбањата и се плашеа да не направат некоја беља, но мене тоа за среќа не ме плашеше. Констатно пробував нови работи и вежби и ја терав терапевтката да ме „мачи“,зашто верував дека само со константна борба, напорен тренинг и без никаков страв, имам шанса да се вратам на тоа што сум бил.
Какво искуство извлековте од целата несреќа, како би се опишале себе пред несреќата, а како по несреќата?
Оваа несреќа буквално ми го промени животот и моите вредности засекогаш. Едноставно сфаќате колку малку е потребно (дел од секунда) за да ве снема од светов или полошо. Како што спомнав погоре, порано бев многу енергичен и се занимавав со разни адреналински спортови кои сега ми се забранети. Многу работи кои сум ги правел и кои ми причинувале огромно задоволство веќе не можам да ги правам, за жал, но тоа е што е, важно сум подвижен и можам да живеам нормален живот, што и впрочем беше мојата најголема желба после несреќата. Сега сум многу помирен, повнимателен зашто треба да внимавам многу при секоја активност, без разлика дали е тоа возење кола, точак, пешачење на планина, пиење алкохол итн. Поради повредата од која се здобив со метална плоча во вратот и шест штрафови кои ќе бидат во мене до крајот на животот, сум мошне фрагилен, па дури и со мала повреда, пад, шамар можам да направам огромна, перманентна штета. Така што дефинитивно само на тоа внимавам и гледам да си го скротам адреналинот во мене кои најчесто тера да се прават глупости 😊 За жал, сите ние ставаме приоритет најголем на финансиите, кариерата, итн., па на крај си го оставаме здравјето (најважното). Некако сметаме веројатно дека телото ќе не служи засекогаш. Мојата порака е да бидете среќни со тоа што го имате и посебно внимавајте и вреднувајте го своето здравје. Без него, ништо од другите работи нема да биде важно, ниту возможно. Борете се секогаш и не се задоволувајте со крајните дијагнози. Нашето тело и психа се индивидуална работа кај секого, и доколку верувате и позитивно размислувате можат да направат чуда.
Би сакам само да напоменам дека сега сум подвижен и вратен до овој степен не само поради напорната работа и позитивните мисли, туку и поради сите мали и големи среќни околности кои ми паднаа како од небо во тешкиве моменти, бидејќи без таа иницијална среќа која ме пратеше низ целиот процес, ништо од ова сепак немаше да биде можно.