Важноста на колагенот за кожата, коските и зглобовите е веќе докажанa, а новите козметички трендови, освен во препаратите за нега, сега го ставија на пиедестал и преку пиење или јадење. Во потрагата по нови и ефективни начини да се задржи младешкиот изглед на кожата и да се избегне појавата на брчки и линии, пиењето колаген се вклопи меѓу најпопуларните начини во борбата против знаците за стареење.
Консумацијата на колаген се поврзува со поцврста кожа и враќање на еластичноста, а во однос на коските и зглобовите, колагенот обезбедува поддршка за растење и регенeрирање на ткивото на ’рскавицата и помага за ублажување на воспаленија и болки во зглобовите и коските.
Зошто е потребен колаген?
Протеинот колаген што дејствува како основа за забите, коските, мускулите, кожата и сите други сврзни ткива е најзастапен во телото и е богат со аминокиселини што помагаат да се создаде нов колаген. Постојат 28 типа колаген, но типовите 1, 2 и 3 го сочинуваат најголемиот дел од протеинот во телото. Типовите 1 и 3 ја даваат структурата на кожата, мускулите и лигаментите, а типот 2 се јавува во ’рскавицата и во окото. Продукцијата на природниот колаген почнува да се намалува од раните дваесетти, а до наполнети педесет години повеќето губат околу 50 проценти од колагенот во кожата, што доведува до несаканите знаци на стареење, губење на еластичноста на кожата, брчки и линии. Ова зависи и од животниот стил, на пример исхрана, изложување на сонце, квалитет на сон, генетика и хормони, како и консумација на алкохол и пушење цигари.
Како изгледаат суплементите на колаген?
Протеинскиот прашок од колаген е всушност хидролизиран колаген, а процесот на хидролиза ги разложува аминокиселините во колагенот во помали молекули што се викаат пептиди и што полесно се апсорбираат во организмот. Колагенот што може да се консумира всушност почна да биде достапен на пазарот пред неколку години, а може да се додава и во смутиња, кафе, каши за појадок… Засега има два типа колаген на пазарот, од риба и животински, од овца или од крава, на пример. Колагенот може да се најде во ткивата и во коските на овие животни. Најголемиот дел од суплементите за колаген се во вид на прашок, додека помал број се во течна состојба или како пилули или гумени бонбони.
Како дејствува колагенот за пиење?
Најважно е да се знае дека колагенот што се пие не го надоместува изгубениот колаген директно во кожата, туку пептидите дејствуваат како фидбек механизам, за да се поттикне организмот да го произведува природниот колаген. Некои дерматолози тоа го опишуваат како лажен сигнал дека во телото почнал процес на намалување на протеинот, а тоа ги стимулира клетките да произведуваат повеќе природен колаген. Покрај тоа, се стимулира и создавањето еластин, за еластичност на кожата и хијалуронска киселина (за хидратација). За да се апсорбира колагенот што ќе се испие, пред да почне дигестивниот процес, пептидите од колаген треба да бидат во течна форма и треба да се внесат 6.000 милиграми колаген пептиди за да се поттикнат клетките во кожата да го создаваат природниот колаген.
Други начини за поттикнување продукција на колаген
Јадење храна што природно содржи колаген, како супа од телешка коска, кожа од пилешко и свинско месо и лосос, како и жолчки е еден начин за природно да се поттикне продукцијата. Добро е колагенот да се прима од повеќе извори, за да се биде сигурен дека ќе се примат сите типови. На пример, телешкото е богато со тип 1 и 3, што ја зацврстуваат кожата и коските, а рибата содржи само тип 1. Пилешкото, пак, содржи колаген тип 2, што е главна компонента на ’рскавицата во зглобовите. Синтезата на колаген во клетките е условена од витамин Ц, што игра главна улога во неговата продукција. За повеќе витамин Ц најважно е да се јаде храна богата со витамин Ц, малку варен зеленчук и овошје. За директно аплицирање на кожата најлесно е да се употребуваат кремови со витамин Ц, а дури и петпроцентна концентрација во кремот може да ја направи кожата поцврста и да ги пополни брчките. Исто така, постојат кремови што содржат пептиди и ретиноиди, што исто така можат да помогнат во продукцијата на колаген.