Значителен дел од девојките и жените се или во некој период од животот можат да бидат засегнати од менструална сиромаштија, иако прашањето е маргинализирано во јавноста, а доминантниот дискурс сѐ уште е дискурс на „срамота“.
Менструирањето кај нас сè уште е сметано за табу-тема, нешто за кое не смее да се дискутира, кое е поврзано со многу стереотипи и митови, иако е сосема природен процес. Менструалната сиромаштија се провлекува низ целиот свет, а тоа значи дека жените, девојките и другите лица кои менструираат немаат пристап до хигиенски производи (влошки, тампони, чашки), немаат безбеден и санитарен простор каде што можат да ги користат овие производи и не можат да го поминат достоинствено периодот на менструирање, без предрасуди, стигма и срам. Според последното истражување „Менструална правда“ на „Тииииит! Инк.“ и „Реактор“, наодите индицираат дека трошоците за справување со менструацијата се високи ако се земе предвид официјалната статистика за дистрибуциите на заработувачка и економски статус во нашата земја, како и официјалната статистика за стапката на сиромаштија. Значителен дел од девојките и жените се или во некој период од животот можат да бидат засегнати од менструална сиромаштија, иако прашањето е маргинализирано во јавноста, а доминантниот дискурс сѐ уште е дискурс на „срамота“.
Еден од наодите од истата студија укажува дека речиси секоја трета учесничка во истражувањето барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, тоалетна хартија. Додека кај средношколките 20% или секоја петта средношколка барем еднаш во животот се нашла во истата ситуација, што потврдува дека менструалната сиромаштија е реален проблем со кој се соочуваат жените, девојките и другите лица кои менструираат кај нас.
Овој месец се одбележува Денот на менструалната хигиена (28.05) и на оваа тема поразговаравме со девојките од „PERIOD Skopje“, неформална иницијатива на четири млади девојки што почна во 2020 година. Како поглавје на „PERIOD“ – американска непрофитна организација, тие се борат за ставање крај на менструалната сиромаштија и менструалната стигма преку сервиси, едукација и застапување. Во моментов „Period Skopje“ имаат отворен повик за волонтери за поддршка при реализација на активности за Денот на менструалната хигиена.
„Почетоците на ’PERIOD Skopje‘ се одвиваа на социјалните мрежи, но во последните месеци работиме на тоа од дигиталните простори да се префрлиме во физичките, а како една од нашите последни активности се токму работилниците за средношколци на тема ’Менструална правда‘. Дефинитивно, едукацијата е најефективна алатка за разбивање на стереотипите и кревање на свеста. Едукацијата за менструација треба да биде дел од формалното образование и да биде за сите, а не само за девојчињата, како што ни покажува практиката. Дополнително, кога зборуваме за едукација за менструација не зборуваме само за менструацијата како биолошки процес туку и за социјалните аспекти. Еден ваков вид едукација ќе им овозможи на младите, пред сè, да се запознаат со оваа тема, да дознаат за различните менструални производи, за правилното управување со менструација, како и мобилизацијата за борба против менструалната стигма и менструалната сиромаштија. Покрај формализирање на едукацијата за менструација, можат да се користат паралелно и социјалните медиуми како простор за кревање на свеста и споделување на информациите. Токму тоа беше во центарот на нашата работа на почетокот, креирање простор каде што зборуваме за менструација отворено, слободно и со факти“, велат од „PERIOD Skopje“.
Преовладуваат табуата и срамот
Минатата година властите донесоа одлука во средните училишта во Скопје да бидат достапни бесплатни менструални продукти, што беше мал напредок кон препознавање на реалниот проблем со менструалната сиромаштија и олеснување на периодот на менструација за голем број средношколки.
„Оваа одлука беше донесена на почетокот на оваа година и со неа се предвидуваат два милиони денари наменети за набавка на менструални производи. Затоа што станува збор за јавни набавки, секое училиште си има постапка од минатата година што мора да ја заврши, па откако ќе биде завршено тоа, ќе треба да се отвори нов тендер, каде што ќе бидат предвидени овие средства. Се очекува имплементацијата да почне со новата училишна година, односно од први септември оваа година. Секако дека е од огромна важност оваа иницијатива да се прошири низ целата држава. Според студијата ’Менструална правда‘, 81% од средношколките се согласуваат дека во училиштата треба да има достапни бесплатни влошки или други производи за менструална хигиена. Исто така, во состав на истото истражување утврдено е дека ученичките во текот на четиригодишното средно образование во просек губат 36 училишни денови или повеќе од еден месец образование заради менструација. Ова е алармантно и затоа е важно не само да имаме бесплатни менструални производи во училиштата туку и училишните тоалети да бидат соодветни, со што ќе постојат услови за одржување на менструалната хигиена во училиштата. Проблемот со менструалната сиромаштија доби внимание последниве неколку години, не само во национални рамки туку и во глобални. Секако, има напредок, што, пред сè, се должи на имањето на истражувања и податоци на оваа тема кај нас, а сепак патот пред нас е долг и има уште многу работа на ова поле“, велат девојките од „PERIOD Skopje“.
Сè уште постојат митови и предрасуди околу менструацијата, што се провлекуваат во секојдневието и влијаат дури и на комуникацијата за менструација, со тоа што дури и се кријат хигиенските продукти, влошките или тампоните, за да не се дознае дека некој има менструација.
„Пред сè, стигмата отворено да се зборува за менструација доведува до тоа да се користат различни други термини (добив, дојде тетка ми) што дополнително ја прават менструацијата табу-тема. Понатаму, имаме изобилство митови што се третираат како факти, а се поврзани со менструацијата. Ќе наброиме дел од нив како што е: не треба да се тушираш/бањаш кога имаш менструација или, пак, не смееш да допреш бебе, па сè до митови поврзани со користење тампони. Овие митови произлегуваат од незнаење на темата менструација, затоа што како таква не е опфатена во нашето формално образование или, пак, многу често е перципирана како ’женска‘ тема, па оттука половина од населението не е информирано за овој природен процес. Иако на момент изгледаат смешни и безопасни, сепак важно е да потенцираме дека голем дел од овие митови одат рака под рака со родовите стереотипи и одржување на родовата нееднаквост во нашето општество. Па, затоа е есенцијално да се избориме против постоењето на овие митови што ја одржуваат менструалната стигма“, објаснуваат од иницијативата.
Првата менструација како клучен животен момент
Менталното здравје е тесно поврзано со добивањето на првата менструација, а резултатите од сведоштвата за првата менструација се поразителни.
„Кога зборуваме за ментално здравје и за менструацијата, еден од клучните моменти е првата менструација. Иако генерално кога се зборува за прва менструација се смета дека тоа е еден од најсреќните моменти во животот на една личност која менструира, сепак ваквата претстава носи одреден товар на личноста. Според истражувањето на ’Тииииит! Инк.‘ и ’Реактор‘, повеќе од половина средношколки одговориле дека биле збунети, 31% биле исплашени, а 14% засрамени кога ја добиле првата менструација. Преку нашето собирање искуства за првата менструација дојдовме до сличен заклучок. Во голем број од приказните што беа споделени со нас, девојчињата не биле ни свесни дека ја добиле својата менструација, ниту, пак, знаеле што да прават:
Кога видов првпат крв на долната облека, се уплашив и одма помислив дека нешто не е во ред со мене, дека умирам.
Ова е резултат на постојаното одложување на оваа тема на разговор дома и, секако, дупката во формалното образование:
Секогаш сè прашувам зашто претходно не бев подготвена на нешто такво (прва менструација), туку се молчеше сè до последен момент додека да се случи.
Ова го увидовме и преку собирањето приказни за првата менструација, каде што голем број од приказните изобилуваа со емоција на страв, од тоа што се случува, но и поради честата изјава што ја слушаме, а тоа е ’сега стана жена‘:
Памтам дека во дневникот запишав ’ова изгледа значи дека сум станала жена, ама некако не ми се брза‘.
Со цел менструацијата да не биде трауматичен момент во животот на една личност, важно е колку што е можно порано да зборуваме на оваа тема, дома, на училиште, во медиумите… Само преку дестигматизација и информиран и отворен разговор можеме да креираме безбедни простори и пријатни искуства, кои нема да влијаат негативно врз менталното здравје на лицата кои менструираат“, заклучуваат од „PERIOD Skopje“.
Сепак, за поздравување е новиот тренд на отвореност и зборување за менструацијата меѓу младите кои се желни за разбивање на стереотипите, а и на социјалните мрежи сè поотворено можеме да забележиме дека се зборува за теми што допираат и во менталното здравје и во родовите прашања, како во почитување на различностите. Сепак, ова е само еден чекор кон поедуцирано општество ослободено од стеги.