МАРКОВ Love капсулната колекција е сочинета од 5 силуети, вкупно 11 ексклузивно дизајнирани парчиња облека. Инспирацијата дизајнерот ја наоѓа во најсилната емоција од сите – љубовта. Карактеристичен мотив и директна референца која е употребена во форма на детал-акцент е симболот на љубовта односно срцето. Токму овој помалку детски графички симбол кој ја симболизира оваа интензивна емоција, врежан во најраната меморија му дава една забавна, наивна, интересна и неочекувана нота на инаку софистицираниот, маркантен потпис карактеристичен за МАРКОВ.
Не може да не се спомене употребата на златниот ланец како накит детал кој ги краси крагните, ракавите и ремените на панталоните и здолништата, истакнувајќи ја сензуалноста на вратот, половината и раката. Ланецот всушност носи и скриено значење, алудирајќи на обземувачкиот ефект кој е последица на заљубеноста. Вреди да се споменат и густите, долги реси кои речиси ве принудуваат да танцувате и да се движите.
Ѕвезда на колекцијата се кусите палта, со екстремно нагласени, високи раменици идеални за комбинирање со инаку слим кроевите присутни во остатокот од колекцијата. Новост за МАРКОВ е употребата на џинсот проткаен со златен конец во суптилен пругаст патерн, резултирајќи во кул фармерки со високо дизајнерски потпис и урбана нота.
Накусо, колекција создадена да ве забавува додека ја носите и чии парчиња можете бескрајно и лесно да ги комбинирате со остатокот од вашата облека, интегрирајќи ги без никаков предизвик. Промоцијата беше одржана во формат на изложба во скопскиот ресторан „Сушико“ кој беше трансформиран да симулира галерија, каде моделите беа изложени на кукли. Едиторијалот за капсулната колекција е дело на Јована Зука чиј модел беше Елена Реи. Едиторијалот е фотографиран во приватна вила проектирана од Архитектура Нова. За да продолжите да го истражувате модниот универзум на МАРКОВ посетете ја страницата markovstyle.com и Инстаграм профилот markov_style.