На 8 април (утре), во 20 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Пејзажи на восхитот“ (Landscapes of Astonishment) на уметникот Дарко Алексовски, еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници. Наградата подразбира реализација на самостоен проект во Музејот на современата уметност – Скопје. „Пејзажи на восхитот“ е наративен и истражувачки уметнички проект (цртежи и проекција) составен од три засебни целини, кои меѓусебно наративно и формално се надополнуваат.
Овој проект е комплексен приказ за барањето и лутањето низ секојдневието, емоционалните процеси на вљубување и невозвратена љубов, како и постојаниот копнеж по нови неостварени начини на сеќавање.
Проектот е составен од три сегменти: „Мал прирачник за мечтаење“ (A Small Handbook for Daydreaming) – тековна серија која претставува самостојно печатено издание, потоа „Сцени од секојдневниот живот што постојано се одвиткуваат“ (Constantly Unfolding Scenes from Everyday Life) – серија дела (цртежи) кои се занимаваат со фрагментираноста и ефемерноста на пејсажите на секојдневието и „Хоризонт што не може да се види, но може да се замисли“ (A Horizon Which Cannot Be Seen, but Can Be Imagined) – серија колажи проектирани на аналоген проектор, кои се занимаваат со сеќавања поврзани со хоризонтот, како место кое е крајно недостижно.
Изложбата ја курираат: Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.
„Во овој Циклус од цртежи, авторот создава еден топол и поетско – лирски амбиент, инспирирајќи се од секојдневните теми. Станува збор за внатрешно чувствување и откривање, а тоа визуелно го гради во еден систем на квадрати. Имагинарната игра на реални предмети и секојдневни складни форми, кои со своите взаемни односи и контрасти чинат еден одделен свет во рамките на композицијата на цртежот и целата инсталација“, вели Ива Димовски.
На неа се надоврзува и кураторот Владимир Јанчевски, кој смета дека делата од оваа изложба на Алексовски, отвораат можност за повеќенасочно и подлабоко исчитување на релацијата меѓу имагинацијата на уметникот и стварноста во која таа се реализира.