Советoт на фестивалот „Танц фест Скопје 2022“ одлучи да ја додели овогодинешната наградата „Менада“ за врвни остварувања во областа на танцот на легендараната „Марта Греам танцовата компанија“ од Њујорк, САД, соопштија од Фестивалот.
Компанијата ќе настапи во рамки на осумнаесетото, роденденско издание нa фестивалот и ќе и биде доделена на актуелната уметничка директорка на компанијата, Џенет Ајлбер, на сцената на Македонскиот народен театар на 20 април во 20 часот.
„Горда сум што фестивалот на својот 18 роденден успеа да ја донесе оваа извонредна компанија во Скопје, со што нa својата публика ќе ѝ овозможи уникатно задоволство да ги види креациите на Марта Греам создадени во 1937, 1942, 1957 и 1981, како и креациите кои ги создаваат новите кореографи инспирирани од нејзиното творештво“, кажа уметничката директорка на „Танц фест Скопје“, Рисима Рисимкин.
Марта Греам (1894-1991) е американска танчарка и кореографка која има создадено 181 претстава и своја танцова техника, која е општоприфатена и со своите значење, обем и големина е споредувана со класичната балетска техника на танцување. Извонредното уметничко наследство на Греам се чува и презентира преку изведбите на нејзините дела, кои танцовата компанија „Марта Греам“, заедно со подмладокот од „Марта Греам 2“, ги претставуваат ширум светот.
Марта Греам ја основа компанијата во 1926 година, период во кој живее и работи во мало студио во Карнеги Хол, во центарот на Менхетен. Развивајќи ја својата техника, Греам бескрајно експериментира со основното човечко движење, почнувајќи со најелементарните движења на контракција и ослободување. Користејќи ги овие принципи како основа за нејзината техника, таа гради речник на движење кој „ќе ја зголеми емоционалната активност на телото на танчерот“. Танцот и кореографијата на Марта Греам ги изложија длабочините на човечките емоции преку движења кои беа остри, аголни, назабени и директни. Светот на танцот е засекогаш изменет од визијата на Марта Греам, која беше и продолжува да биде извор на инспирација за нови генерации танцови и театарски уметници.
На репертоарот на компанијата, во делата на Греам настапуваат светски познати изведувачи како Михаил Баришников, Маргот Фонтејн, Лиза Минели, Рудолф Нуреев, Маја Плисецкаја и многу други. Нејзините револуционерни техники и непогрешлив стил добиваат признание од публиката во повеќе од 50 земји низ Северна и Јужна Америка, Европа, Африка, Азија и Блискиот Исток.