Собранието, по брза постапка, ги усвои измените на Законот за матична евиденција со 63 гласа „за“. Овие измени овозможуваат решавање на сите познати случаи на бездржавјанство, како и секое дете родено во земјата да добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители се без документи или без државјанство.
„Секое дете родено на територијата на Македонија има право на упис во матична книга на родени веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители“, пишува во еден од членовите на законот за матична евиденција и праќа јасна порака за целите на измените.
Со ова се овозможува законска основа до крајот на годинава над 700 лица во земјава, кои се неевидентирани, да бидат запишани во Матичната книга на родените.
Измените во законот за матична евиденција ги поздрави УНХЦР, агенција за бегалци на Обединетите нации (ОН).
„Ова водство за пример покажано од Собранието на Република Северна Македонија е најновиот чекор во низата мерки кои властите ги преземаат за да го спречат и решат бездржавјанството, вклучувајќи ја и таа со која Министерството за внатрешни работи им додели државјанство на 290 лица без државјанство. УНХЦР ќе ги поддржува институциите да ги спроведуваат законските одредби и тесно да соработуваат со разни чинители за да се спречат нови случаи на бездржавјанство“, изјави претставничката на УНХЦР, Моника Сандри.
Денешното донесување на измените на Законот за матична евиденција, додаваат од УНХЦР, е важен чекор кон остварување на меѓународните обврски на државата.
„Овој напор на целото општество го трасира патот на државата да стане првата држава во Европа и втората во светот која ќе го искорени бездржавјанството“, се вели во соопштението на УНХЦР.