Илјадници луѓе излегоа на улиците во 70 градови во Полска против рестриктивниот закон за абортус откако жена која беше во петтиот месец во бременоста почина од сепса, последна од низата смртни случаи како последица на рестриктивниот закон.
Учесниците на протестот извикуваа „Престанете да нè убивате“ и „Ниту една повеќе“ во средата додека маршираа низ главниот град Варшава кон Министерството за здравство, а дел од нив носеа и плакати „Сакаме доктори, не мисионери“ и „Пекол за жените“, вообичаен слоган што се користи за тоа како мерките влијаат на жените кои имаат несакана или опасна бременост.
Протестите се организирани по смртта на бремени жени од сепса во болница поради праксата на полските лекари да не ја спасуваат мајката со прекин на бременоста, туку се чека прво да почине плодот.
Законот за абортус во Полска е меѓу најрестриктивните во Европа и неколку пати досега провоцираше масовни протести низ земјата, а смртта на 33 годишната Дорота Лалик во мај предизвика антивладини реакции помеѓу многу либерални Полјаци пред изборите кои треба да се одржат во октомври или ноември.
Во 2021, националистичката влада донесе уставна забрана за прекинување на бремености со фетални дефекти. Според сегашниот закон жените немаат право на абортус во случај на сериозно оштетување или болест на фетусот, оставајќи само две правни опции: кога е загрозен животот или здравјето на трудницата или кога бременоста е резултат на кривично дело – силување или инцест.
Во врска со случаите на починатите жени, од владата велат дека законот не може да е причина за смртта на жените, бидејќи абортус може да се изведе доколку е загрозен животот или здравјето на трудницата. Активистите за правата на абортус велат дека докторите се повикуваат на морална свест и чекаат прво да почине плодот, па потоа да се спаси жената, што довело до тоа да добијат сепса и да починат бремените жени.
Обвинителите веќе имаат отворено истрага за смртта на Дорота Лалик, а се разгледуваат и два слични случаи на бремени жени кои починале во болница по смртта на нивните фетуси.