На 22 јуни во Национална галерија -Мала Станица ќе биде отворена изложбата ,,Родови приказни низ објективот” на фотографката Ерина Богоева.
,,Како фотограф, родовите приказни ми дојдоа во фокусот пред неколку години. Низ работа со многу креативни луѓе кои го искажуваат својот родов идентитет на многу различни начини успеав да научам многу и за тој идентиет и кај себе. Низ овие фотографии и кратки приказни на транс лица, дрег кралици, како и цис креативци сакам да покажам дека убавината навистина лежи во разноликоста иако некогаш таа, за жал, е маргинализирана. Сите портрети беа направени во простори каде личностите можат да си бидат најкомотни да се она што сакаат да бидат пред објективот и пред себе.
Овој проект беше започнат долго пред пандемијата, но откако се случи таа промена во светот, мислам дека оваа тема стана уште поважна. Откако моравме повеќе да се осврнеме кон себе, а помалку кон светот, мислам дека самото прашање на идентитет (родов, сексуален, професионален) стана подоминантно и живеењето во својата вистина излезе дека е од клучна важност.
Во потешките периоди низ историјата, една од добрите работи што се појавуваат на социјално ниво е емпатијата за другите. Па така, се надевам дека низ овие тешки години сме развиле малку повеќе емпатија како и за оние околу нас, така и за себе и дека би се прифатиле себеси, иако може излегуваме од стандардните шаблони.
Низ овие портрети се надевам дека ќе ја покажам убавината на различноста како и флуидноста на родовиот идентитет, најмногу преку портретите на луѓето кои ги ценам, но и преку свој автопортрет.
Еднаш некаде прочитав дека ако немаме што да правиме, секогаш може да работиме на себе си, па така сакам да ве повикам да ги прифатиме различностите и воедно да погледнеме што лежи во сопствениот родов (и каков и да е друг) идентитет. Неретко, тоа што ќе го најдеме таму може да не’ изненади позитивно”, вели Богоева.
Изложбата е во организација на Europe House Скопје и ќе биде отворена на 22.06 од 19ч. во Национална Галерија- Мала Станица. Изложбата ќе биде поставена таму до 28.06.