Александра Окасио Кортез пред неколку недели го одржа веројатно најдобриот говор во историјата на женските права. Пo отворените навреди насочени кон неа од страна на член на Конгресот, Тед Јохо, таа јавно зборуваше за мизогинијата и обидите да се потцени вредноста, успехот и квалификациите на жените, состојба која за жал сè уште е присутна и во најдемократските општества.
Покрај нејзината моќна и „on-point“ реторика, она што e навистина забележливо е црвеното палто кое го носи. Црвената боја вообичаено не се претпочита за официјални политички настани, каде најчесто доминираат неутралните тонови. Но, во овој случај Кортез намерно ја бира оваа впечатлива боја за да пренесе уште една моќна порака – дека иако тоа се очекува од неа, таа нема да претопи во околината и да биде само уште една жена која има желба да внесе промени, туку и вистински ќе го направи тоа. Црвената боја, кога станува збор за облекувањето, е симбол на енергичност, пасија и самодоверба. Кортез и при своето прво влегување во Конгресот ја користи симболиката на облеката за да пренесе порака – тогаш доаѓа во целосно бела комбинација како израз на поддршка на сите жени низ историјата кои се бореле за поголеми права и кои се избориле различноста да најде место во секоја сфера од животот. Како дополнување на белиот сет, Кортез го носи црвениот кармин кој е неизбежен дел од нејзиниот имиџ, иако и тој е невообичаен избор за светот на политиката.
Излегувањето од рамките на конформираноста и праќањето порака преку облеката станува сé поприсутно кај жените од јавниот живот низ светот. Соња Сотомајор, првата латино-американка која е членка на Врховниот Суд во Соединетите Американски Држави, при инаугурацијата била советувана да го замени црвениот лак кој е нејзин заштитен знак со неутрална нијанса за да избегне критика. Сотомајор останува верна на својот стил и црвен лак за нокти.
Италијанската министерка за земјоделство Тереза Беланова, на својата инаугурација е во син фустан кој значително ја издвојува од останатите. Иако од дел од јавноста е остро критикувана за својот избор, сепак голем дел застануваат во одбрана на Беланова која на критиките одговара со твитот: „Вистинската елеганција значи почитување на сопственото расположение – вчера чувствував ентузијазам и така и се претставив себеси.“
„За жените е тешко да останат неутрални во своето облекување, секое јавно појавување остава простор за толкување на пораката која сакаат да ја пренесат“, вели философката Крeсида Хејс во нејзината книга „Fashion Talks“.
Иако толкувањето може да значи критика, сепак пораката која ја испраќаат жените во политиката, каде униформираноста е особено забележителна, е дека индивидуалноста мора да го најдe своето место во светот на темните одела.
Токму затоа сè побројни се примерите каде жените покрај тоа што влегуваат во свет каде сè уште доминираат мажи, се трудат да го задржат својот стил како начин на изразување. Пример за ова е пратеничката во францускиот парламент Сесил Дуфло која на едно од своите први претставувања во парламентот е во нежен, цветен фустан, или пак поранешната британска премиерка Тереза Меј и нејзината љубов кон чевлите со животински принт. И премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн го користи својот стил за да испрати суштински пораки и да го претстави својот еко-одговорен начин на живеење. Таа честопати е забележана во лежерно стилизирани винтиџ или „second hand“ парчиња облека.
Новата генерација жени во светот на политиката и борбата за човекови права му даде едно сосема поинакво значење на поимот „power dressing“ – сега моќта е во индивидуалноста и правото на избор, во чувството на автентичност и удобноста да се биде свој, а не во задоволувањето на нечии очекувања и поставување на својот изглед во однапред определени рамки.