Деновиве, како новина од модната куќа Гучи, беше презентирана новата колекција и кампања за истата, каде моделите се фотографираат сами, од удобноста на сопствените домови – додека го пијат своето прво кафе, се сончаат или се дружат со своето домашно милениче.
„Одлучив да ја испратам облеката до домовите на моделите – луѓето кои со години се дел од моите приказни; поединци кои ги избрав прецизно, заради нивната уникатност“, рече Алесандро Микеле за новата кампања на Гучи, во која можеме да видиме група на модели кои се фотографираат себеси, во колекцијата Есен/Зима 2020 година од сопствените домови.
Оваа кампања е реален приказ на сегашноста. Сите поминавме повеќе време дома оваа година отколку кога било досега. Но, исто така ја рефлектира и идејата за самата колекција, која требаше да го претвори ритуалот на модната ревија внатре – бекстејџот стана главна претстава, стилистите за коса и уметниците за шминка, фустаните и кројачите…
Кампањата, исто така, ги охрабрува моделите да го опфатат индивидуализмот за кој долго време Алесандро Микеле се обидува да го наметне во своите кампањи. „Ги замолив да ја претстават идејата што ја имаат за себе, да излезат во јавноста со тоа“, рече тој. „Ги охрабрив да играат, да импровизираат со нивниот живот“. Моделите се фотографираат во своите спални или градини, додека одат кон своите работни места, додека плетат или се сончаат и многу други секојдневни домашни активности или активности надвор од домот.