Уште на прво запознавање со Игор и мајка му Елена, видовме дека тие се постојано ведри и насмеани, отворени во секој поглед и дружељубиви. Игор е интересен, сака да запознава нови луѓе, да се дружи, да разговара и да прашува… Зад насмеаното лице на Елена, пак, се крие невидена храброст и упорност што ѝ помогнале да се соочи со тешките последици по здравјето на Игор предизвикани од сообраќајна несреќа од непромислен возач, пред околу дваесетина години. Оттогаш почнала борбата да се успее синот колку што е можно да се врати во нормално функционирање и да се продолжи со животот без разлика на состојбата.
За почеток, ви благодарам за можноста за интервју, да ни ја кажете приказната за вашиот син Игор, кој на девет години, за жал, го згазил мотор додека возел ролери. Поради тешките последици и повреди оттогаш почнала, како негова мајка, вашата борба и посветеност кон синот, што трае и денес, но сте покажале огромна храброст и упорност во целиот процес, нешто што заслужува да биде раскажано. Што поточно му се случи на Игор, во каква состојба беше по несреќата, какви повреди доби?
Најпрвин ви благодариме на поканата за да ви ја раскажеме приказната за нашата борба. Една мала корекција на почетокот, Игор не настрада додека возеше ролери, туку преминувајќи на пешачки премин со ролери на нозете. Додека бевме заедно и чекавме да ја преминеме улицата, црн „голф“ застана пред пешачкиот премин. Игор само што се спушти на пешачкиот премин, во истиот момент од десната страна со огромна брзина момче на мотор го заобиколи застанатиот „голф“ и го удри Игор директно во главата. Тој летна и падна веднаш во бесознание, а момчето избега веднаш од местото на несреќата. Во истиот момент од некаде се појави таксистот Кире, кој нè пренесе до КАРИЛ (Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување).
Претпоставувам, по првиот момент кога сте слушнале за сообраќајната несреќа, следувал вистински шок за вас и за вашето семејство, особено поради сериозноста на повредите. Како се справувате на почетокот со ситуацијата, сепак за една мајка е најтешко да го гледа малиот син во таква состојба, а особено додека бил шест месеци во кома?
Бев во шок, се разбира, а од друга страна, не бевме свесни што нè чека. Ги поминавме сите кризи што следуваат по ваков вид повреди. Игор немаше ниту гребаница на лицето, но имаше дифузни крвавења во целото мозочно ткиво. Честопати си помислував, подобро целиот да беше искршен, скршениците ќе зараснеа, а со лузните во мозокот најтешко се справуваме.
А сепак, и покрај сè, најдовте начин тие шест месеци да останете храбра и упорна, да верувате дека синот сигурно ќе се разбуди. Од каде ја црпевте силата и енергијата да не ја изгубите надежта?
Состојбата беше многу тешка, но во ниту еден момент не се ни сомневав дека еден ден Игор ќе се врати. Едноставно, никој од семејството, јас, сопругот Горан и помалиот син Матеј, не можеше ниту да помисли дека ќе продолжиме да живееме без него. Можеби најмногу се надевавме дека сè ќе биде во ред затоа што не бевме свесни колку се тешки повредите. Помалиот син Матеј, кој тогаш имаше седум години, еден ден кога се вративме од болница, беше пред зградата и возеше велосипед. Застана со некои другарчиња и одеднаш онака детски, наивно, од далеку ми довикна: „Мамо, кога ќе се разбуди Игор од кома?“ небаре тоа е будење од поцврст сон. Ете, токму така ја прифаќавме тогашната состојба. Едноставно, не сакавме да биде поинаку.
Велат дека мајчинската љубов не може да се замени и да се опише и дека најсилните емоции ги чувствува токму мајката кон своите деца. Претпоставувам, уште од почетокот, веднаш по несреќата, сте доживеале вистинска лавина од чувства, ќе сакате ли да ни раскажете за дел од емоциите што сте ги почувствувале и како најдовте начин да ги претворите во позитивни мисли и енергија и да се сосредоточите кон Игор?
Уф, што сè не ни минуваше низ глава тогаш. Кризите што ги имаше беа страшни. Од дополнително задушување заради алергијата на полен, што ја имаше од малечок, на и онака отежнатото самостојно дишење, од намален до речиси изгубен пулс, од натчовечки напори што ги вложувавме заедно со целиот тим на КАРИЛ, а особено со д-р Дамески и д-р Ачковски со кои за да го разбудиме од кома цели 24 часа му ја спуштавме телесната температура под 34 степени, со надеж дека од стресот ќе се поврати побргу. А, Игор лежеше спокојно на креветот со своето ангелско лице и реагираше само на допирот на лажичката за хранење на образот, на ништо друго. Можеби во тие моменти му било најважно да си ја нарани душичката, малку да се одмори, па ќе дојде време кога ќе ни се врати. Не реагираше ниту на силните штипења, викања, па и мали шлаканици што му ги удираше д-р Угриновски за да го подразбуди, а понекогаш и тој ме прашуваше дали забележувам некаква реакција кога му зборувам или барем тахикардија на мониторот. Откако ќе му кажев дека не сме забележале, ќе кажеше: „Епа, тогаш тешко. Ќе вегетира, ќе биде како фикус“, и ќе си заминеше. Не можам да ви ја опишам грутката што ми остануваше во градите по таквите визити. Ќе поплачев, но кратко и ќе си помислев: „Од каде знаеш ти. Мојот Игор знае сè, чувствува сè и сè ќе биде во ред“. Ќе ги избришев солзите и се враќав до неговиот кревет, каде што продолжував да му ги читам неговите омилени книги, да ги слушаме со слушалки омилените песни, да му читам вицеви, да му ги ставам во раце омилените лего-коцки што виртуозно ги склопуваше и уште илјадници работи што ги прават сите деца кога не се во кома. Сето тоа со месеци на смени го правевме со мојот сопруг Горан. Од друга страна, втората смена за секој од нас секако беше грижата и за Матеј, кој никако не смееше да биде запоставен во тие моменти.
Периодот по шесте месеци бил сосема нов почеток. Игор морал да ги учи сите функции и работи од почеток, почнал од нула и тоа значело комплетна реорганизација на животот и дотогашните навики и тотална посветеност на него, нешто што вие сте го овозможиле во целост. Што претставуваше за вас новата ситуација и како се поставивте кон Игор во тој момент?
Последниот месец од тие шест месеци веќе не беше зависен од машините на интензивна нега и го поминавме на Клиниката за детска хирургија. Тој период ни беше како некоја адаптација како би функционирале во домашни услови. Не беше лесно да заминеш дома со дете кое не реагираше на ништо, ниту следеше со поглед, навистина само вегетираше. Еден ден сопругот ми рече да се спакуваме и да си заминеме дома, дека на ова дете му треба само љубов и топлината во неговиот дом, не му се потребни овие болнички соби и бели ѕидови. Така беше. Откако заминавме дома, по две недели Игор почна да нè следи со поглед кога се движевме во собата, почнаа да ни доаѓаат пријатели на гости, да го посетуваат другарчињата од училиште, да се шетаме на Водно со драг пријател, омилен на Игор, каде што ја добивме и првата насмевка од Игор. Тој не зборуваше и сè уште беше со трахеостома, за да дише полесно. Му го славевме и роденденот, тоа беше ден кога на среќата ѝ немаше крај. Не зборуваше, но зборуваа неговите прекрасни сини очи што блескаа од радост. Секојдневно вежбавме со терапевтите од Заводот за рехабилитација уште во КАРИЛ, а продолживме и дома. Кога ја извадивме трахеостомата, се поврзавме со логопед, за да пробаме да прозборува. Велеа дека не ни се големи шансите, но нашата упорност и упорноста на логопедот Виолета имаа резултат. За да го испушти првиот глас, сите дома застанувавме пред Игор и силно ги извикувавме самогласките, тој нè гледаше во усните, нè слушаше, се смееше и по две недели успеа и тој да каже „А“. Така бавно одат тие работи по долготрајните состојби на кома. Не е како на филм, да ги отвори очите и сè да е вратено како претходно. По една година успеавме некако да добиеме одобрување за рехабилитација во Гетеборг, во специјализиран центар за рехабилитација на деца по сообраќајни трауми. Всушност, таму го имавме најголемиот напредок. Тоа е прекрасен центар за рехабилитација, можеби еден од најдобрите во Европа. Таму се стекнавме со убави искуства, добивме одлични препораки како да продолжиме понатаму, што да вежбаме. Постојано ни беше нагласувано дека мора да биде вратен на училиште, мора да биде шетан, социјализиран и никако да не го изолираме од ништо. Добивме многу помагала што ни го олеснуваа функционирањето со Игор и еден најголем животен совет од Хариет, тамошната работна терапевтка: „Одете си и не трошете го вашето време постојано по центри за рехабилитација, животот е надвор луѓе, одете и живејте го, без разлика во каква состојба е Игор, тој мора да продолжи“.
Вашата упорност и истрајност со Игор е за восхит, а најмногу може да се забележи по него. Многумина кажуваат дека тој е секогаш насмеан и ведар. И покрај тешкотиите со зборувањето, движењето и функционирањето, сепак научил да се радува на нештата и да изразува вистински позитивни емоции. Денес има многу напредувано од несреќата пред приближно дваесет години. Како би го опишале Игор и животот со него по сите изминати борби, какво му е секојдневието, што правите најмногу заедно како семејство?
Едноставно, Игор е прекрасен и верувам дека секој би сакал да се дружи со него. Сите би можеле да научат многу работи од него, а пред сè дека, и покрај тежината, секогаш треба да бидеме задоволни и среќни. Секојдневието се обидуваме да не му биде монотоно. Постојано смислуваме некои активности, од играње секаков вид игри, од возење велосипед, одење по кафулиња, одење на театарски и кино претстави, одење на концерти, редовна посета на концертите на нашата филхармонија, прошетки на Водно, Матка. Едноставно, не сакаме да бидеме сами и да сме дома. Или, како што понекогаш вели најдобриот другар на Игор, Сергеј, ние сме невидени „евентуши“, одиме од настан на настан.
Секој сака да ја види правдата на виделина, а бидејќи се работи за сообраќајна несреќа дали во случајот со Игор правдата беше задоволена?
За правдата не прашувајте, тоа е посебна болна приказна. Може цел роман да се напише за тоа. Најболното е што никој не може да ни го врати Игор онаков каков што беше, а верувајте дека беше прекрасен. Најубаво би било ако некако можеме сите како општество да успееме вакви случки веќе да нема. Дали тоа ќе биде со поголема контрола и санкционирање на несовесните и разулавени возачи или некако поинаку, во секој случај треба да се размислува на темата.
И покрај тоа што Игор и денес не може да функционира сам, мора постојано да има некој со него, сепак животот значително му се променил на подобро по несреќата до денес. Како накратко би ја опишале вашата борба низ годините, што доживувавте најтешко и што научивте од сето тоа?
Едноставно, научивме дека со љубов навистина сè е можно. Не ни е воопшто лесно, но вербата во подобро утре нè води само напред. Среќни сме дека го имамe. И, како што еднаш напишав во еден свој статус на „Фејсбук“: „Ние сме четири во едно и за да функционира тоа едно мора да сме заедно“.
За крај, каква порака би упатиле кон семејствата и родителите што се соочуваат со ваква или слична ситуација, каков совет би им дале?
Би им порачала никогаш и во ниедна ситуација да не се откажуваат. Чудата се можни само со позитивна мисла и многу искрена љубов како од семејството, така и од пријателите. Не ги чувајте своите деца затворени дома, тие се дел од сите случувања како што сме и сите други. Тие заслужуваат да живеат, без оглед на тоа како изгледаат физички или каков и да имаат хендикеп. Имаше случки непосредно по повредата, Игор сè уште беше во лоша состојба, со трахеостома во грлото, со зголемена саливација, без тонус на телото свлечен во количката. Додека пазаревме во „Веро“, количката ја туркаше неговиот тогаш седумгодишен брат. Поминуваа луѓе и најбезобразно се загледуваа во Игор, но Матеј храбро им се обраќаше: Што е дечко (чичко, тетке), има некој проблем?“ Ете така сметам дека треба да се однесуваме со тие луѓе, тие да се засрамат, а не ние да се срамиме од нив. Подоцна, кога Игор почна да зборува, сам им го поставуваше истото прашање на невоспитаните.