Во светот на спортот, каде што сè се случува во дел од секунда, фотографијата има моќ да го запре времето и да создаде спомени што остануваат засекогаш. Зад многу од тие незаборавни моменти стои Филип Вирановски, фотограф чија најголема пасија е токму спортската фотографија. Неговите кадри не се само документ за еден натпревар, туку визуелни приказни исполнети со емоција, тензија, триумф и човечка ранливост. Со години присутен на најголемите спортски настани, од европски и светски првенства до историски победи на македонските клубови и репрезентации, Вирановски успева да ја долови токму онаа секунда што публиката никогаш не ја заборава. Во разговорот открива како изгледа „ловењето“ на емоцијата, колку се важни инстинктот и искуството, но и кои моменти засекогаш му останале врежани во меморијата.
Вашите фотографии не се само спортски моменти, туку и силни човечки приказни полни со тензија, радост, разочарување и триумф. Како успевате да ја препознаете токму таа секунда во која емоцијата станува вечна?
Кога почнав да се занимавам со спортска фотографија, првично се трудев да го фатам тој перфектен скок, забивање, гол или дуел — атлетскиот дел од спортот. Подоцна, кога тој дел стана рутина, си поставив нов предизвик: по дадениот гол, кош или забивање да останам фокусиран на играчот и да ја чекам неговата реакција, која во зависност од исходот може да биде радост, тензија, нервоза или разочарување. Овој тип фотографија бара фокус, искуство и многу аналитички способности за да се препознае токму таа една секунда во која емоцијата станува вечност. Во спортската фотографија сè се случува многу брзо, времето за реакција и притискање на копчето на фотоапаратот трае буквално дел од секунда. Токму „ловењето“ на тој единствен момент претставува огромна сатисфакција за фотографот, а истото чувство го доживува и секој што ќе го види тој миг овековечен на фотографија засекогаш.
Кога ги гледам вашите фотографии, имам впечаток дека не го следите само натпреварот, туку и психолошката состојба на спортистите. Колку е важно да ја почувствувате атмосферата и карактерот на играчите за да создадете моќна фотографија?
Исклучително е важно да се почувствува атмосферата, да се препознае моментот и да се процени значењето на натпреварот уште пред тој да почне. Мора да знаете кој игра, за што игра, што значи победа или пораз, дали се очекува полна сала и „наелектризирана“ атмосфера.
Од друга страна, психолошкото профилирање на актерите на теренот е огромен плус. Доколку е екипа што редовно ја фотографирам, веќе имам одредени сознанија за повеќето играчи, ги знам нивните навики, кој бурно прославува, кој е повоздржан, дали тренерот е темпераментен покрај теренот, дали голманот реагира емотивно после одбрана…
Кога станува збор за големи натпреварувања и екипи што не ги следам редовно, секогаш правам подготовка: проверувам состави, кој се најголемите ѕвезди, кој е капитен, дали постои историско ривалство меѓу тимовите. Сето тоа ми помага да создадам појасна слика за натпреварот и полесно да го препознаам моментот што вреди да биде овековечен. Секако, редовното и континуирано следење на спортот е предуслов.
Во спортската фотографија, каде што сè се случува во дел од секунда, кога чекате совршен кадар повеќе му верувате на искуството или на инстинктот?
Искуството не може без инстинктот и обратно, а за совршен кадар секогаш е потребна и малку среќа, да се биде на право место во право време. Но, за да бидете токму таму каде што треба, потребно е искуство. Треба да знаете каде физички да се поставите околу теренот за да ве „удри“ таа среќа. Станува збор за комплексен спој од многу предуслови за да се случи совршениот кадар.




Во текот на кариерата сте фотографирале бројни големи спортски настани, од европски и светски првенства до историски натпревари на македонските клубови и репрезентации. Кои моменти ви оставиле најсилен личен впечаток?
Дефинитивно најсилен личен впечаток ми остави последниот ЕуроБаскет 2025, каде што бев дел од тимот фотографи селектирани од FIBA за покривање на турнирот. Бев распореден во Тампере, Финска, заедно со уште еден официјален FIBA фотограф. За мене тоа беше огромна чест, бидејќи претходно имав работено младински европски првенства и квалификациски натпревари, но да се биде дел од тимот од осум официјални фотографи на машки ЕуроБаскет беше нешто навистина посебно.
Како еден од најинтересните моменти би го издвоил забивањето на Мика Муринен од Финска, кое стана вирално. Бев поставен токму под кошот и успеав да фатам серија фотографии од целиот потег. Подоцна тие фотографии ги видов буквално насекаде низ европските и светските медиуми.
Посебно искуство ми беше и фото-сесијата со Денис Шредер од Германија. Како голема НБА ѕвезда, застана пред мене и чекаше инструкции за позирање. Во првите секунди чувствував трема, но веднаш потоа сфатив колку професионално пристапува и целосно се опуштивме. На крајот направивме одлична едиторијална фото-сесија што FIBA и денес ја користи.
Морам да го споменам и финалето во Атина меѓу РК Алкалоид и РК АЕК, кога Алкалоид го освои Европскиот куп на ЕХФ. Да се победи АЕК во преполна сала во Атина, во атмосфера полна со тензија, е момент што се памети цел живот.
Во минатото редовно работев и на F4 турнирите на Лигата на шампионите во Келн, што значи дека двете европски титули на РК Вардар ги документирав буквално од теренот. И денес гледам мои фотографии како се користат кога се зборува за тие историски успеси.




Денес спортот сè повеќе живее и преку социјалните мрежи и визуелната комуникација. Колку добрата спортска фотографија влијае врз тоа како ќе се памети еден спортист или историски момент?
Добрата спортска фотографија со текот на времето добива уште поголемо значење. Вистинската вредност на фотографијата се чувствува години подоцна, кога тие моменти стануваат дел од историјата. По 50 години, токму преку фотографиите и видеата новите генерации ќе можат да почувствуваат колку бил голем еден спортист или колку значаен бил некој спортски момент.
Една фотографија знае да пренесе емоција, борба, страст и важност подобро од долг текст. Не случајно постои изреката дека „една фотографија вреди илјада зборови“. Токму затоа визуелната комуникација има огромна улога, таа не само што го бележи моментот, туку му дава живот и долго по неговото поминување.
Кои емоции кај спортистите ви се најпредизвикувачки, а воедно и најинспиративни за фотографирање?
Со искуството, сè поголем предизвик ми претставува да фатам силна и искрена емоција кај спортистите. Акцијата е важна, но емоцијата е таа што ѝ дава душа на фотографијата и ја прави незаборавна. Секогаш е посебен предизвик да се „улови“ победничка емоција проследена со силен крик, затоа што во тој дел од секундата се гледаат целата страст, труд и адреналин. Солзите исто така се многу моќен момент, без разлика дали се од радост или тага.
Особено сакам close-up кадри со фокус на очите, бидејќи токму таму најискрено се чита емоцијата. Најинспиративни ми се моментите кога постои директна интеракција со противникот или со навивачите, тогаш фотографијата добива дополнителна тежина, тензија и приказна.
Што според вас ја прави една спортска фотографија навистина моќна и незаборавна за публиката?
Една спортска фотографија станува навистина моќна кога во себе носи повеќе од само визуелен момент. Многу важни се тежината на натпреварот и значењето на моментот. Не е исто дали фотографијата е направена на обичен натпревар или во момент што носел титула, историски успех или огромна емоција за еден народ.
Вистинската сила на фотографијата најчесто се чувствува со текот на времето. Кога некој момент ќе остане врежан во колективната меморија, тогаш и фотографијата што го овековечила добива посебна тежина. Таа станува потсетник на една генерација, еден успех и едно чувство што луѓето долго го паметат.





