Фокача (focaccia) е италијански тенок леб кој се пече во рерна. Најпопуларен стил на фокача е focaccia al rosmarino со свеж рузмарин, крупна морска сол и маслиново масло, но во последно време сѐ попопуларни се таканаречените фокача градини за кои се користат најразлични додатоци од зеленчук и свежи зачински тревки. За нив пишуваше и New York Times, опишувајќи го лебот како бело платно за уметничко изразување во услови на пандемија кога сѐ повеќе луѓе се ориентираат кон кујната и готвењето.
Во овој рецепт за збогатување на вкусот и изгледот на фокачата се користи овошје – праски и капини и свежи мајчина душичка и рузмарин.
Потребни состојки:
- 500гр брашно
- 350мл млака вода (макс. 60°C)
- 3 лажици мед (дополнително за послужување)
- 60гр путер (дополнително за премачкување на тавчето и на испечената фокача)
- 7гр сув квасец (1 пакетче)
- 1 лажичка сол
- 1 јајце, изматено
- 1-2 лажици маслиново масло
- 2 праски исечени на парчиња со дебелина од 5-6мм
- Неколку гранчиња свежа мајчина душичка или свеж рузмарин
Подготовка:
- Водата, квасецот и 1 лажица мед се мешаат со жица во голем сад (во кој после ќе се меси тестото) додека не се раствори медот. Смесата се остава 10 до 15 минути да отстои за да се активира квасецот.
- Кога ќе се појават меурчиња, тоа значи дека квасецот се активирал и тогаш во садот се додаваат брашното, солта, изматеното јајце, остантите 2 лажици мед и 60 гр растопен путер и се замесува тесто. Тестото во оваа фаза е лепливо, но не треба да се додава брашно бидејќи ќе се наруши процентот на хидрација (кој изнесува 70%). Се меси 5-10 минути (може да се користи силиконска шпатула или нож за тесто за полесно месење), се покрива со фолија и се остава да нарасне додека не се дуплира. Зависно од собната температура, овој процес трае од 1 до 2 часа.
- Кога тестото ќе стаса, се префрла во тавчето во кое ќе се пече фокачата кое претходно е намачкано со путер, се распоредува по цела површина со лесни потези и се покрива со фолија. Повторно се остава да нарасне околу 30 минути.
- Откако ќе нарасне, се попрскува со 1-2 лажици маслиново масло и со влажни прсти се прават дупки во тестото до самото дно на тавчето. Се редат кришките праски, капините и свежите тревки. Пред да се стави да се пече се остава да отстои уште 15 минути без да се покрива.
- Се пече во загреана рерна на 200°C, 20-25 минути со проверка.
- Испечената фокача се остава да се олади 15-20 минути во тавчето, а пред да се извади за послужување се мачка со растопен путер и се попрскува со мед.
Слатко солената комбинација на вкусови кои извираат од оваа фокача ја прават идеална за било кој дел од денот: за доручек или ручек со пржени јајца, наросена со шеќер во прав и намачкана со џем како десерт, исечена на парчиња и сервирана на мезе чинија со сирење.
Можни се и други уште повозбудливи комбинации, па покрај праските и капините да се наредат и парчиња пршута или некое плаво сирење.
Светот на вкусови е магичен, бидете храбри и уживајте во истражувањето.
Добар апетит : )