Џиду е пијанист од Скопје којшто се обидува да најде здрав баланс меѓу старото, традиционално, олд-скул музичарство и модерниот музички свет чиј главен двигател е технологијата. Во соработка со пејачката Ели Харис од Лондон на 13 октомври објавија песна за којашто талентираниот видеограф Владислав Гавриловски сними спот низ скопските улици.
Првенствено Џиду е инструменталист којшто сака да го поминува денот вежбајќи клавир, а потоа продуцент и композитор. За себе вели дека е неизлечлив зависник од добар грув и потиснат басист, дека неостварената желба за свирење бас се осеќа во неговата музика и е благодарен што живее во време во коешто е можно да ја реализира оваа тенденција свирејќи бас синтисајзери и миди клавијатури.
Проектот е реализиран по иницијатива на Владислав, кој за време на летните месеци добил желба да работи на музички спот во којшто ќе има одврзани раце и креативна слобода. Другарството со Џиду и заемната креативна почит биле одлична шанса за тоа, па двајцата решиле дружбата да ја претворат во креативна работа.
“Висевме кај мене една вечер, слушавме ствари што сум ги правел. Се понуди да работиме заедно, а јас само чекав такво нешто. Знаејќи колку талентиран човек е Влади не се мислев ни секунда.“, вели Џиду.
Младата Ели Харис е нов лик на лондонската џез сцена. Таа со само 21 година веќе е изградена како уметник со оригинален стил којшто остава уникатна трага врз секое дело на коешто работи.
Wake Up е чедо на Bootleg Basement Lab, легендарното студио на ДЈ Гоце коешто веќе години наназад е неисцрпен извор на креативна енергија.
„Има нешто посебно кај Гоце во студио. Сите што влегле знаат. Во моментот кога ќе стапнеш внатре почнува да тече инспирација“, дополнува Џиду.
Џиду продолжува да работи на нови проекти кои вклучуваат интернационални и домашни соработки од коишто се очекува да произлезе свежа музика со квалитетен звук.