Марко Аврамоски е основачот на „Дигиславиа“, првата онлајн галерија на овие простори, чија цел уметниците од сите сфери и нивниот потенцијал да добие место за изложување и промоција како и соработка со други артисти од различни земји. Освен од балканските земји, на „Дигиславиа“ може да се најдат уметници и од Франција, САД, Колумбија, Германија…
Со Марко поразговаравме за идејата зад „Дигиславиа“ и за потенцијалот на локалните уметници чии дела добиваат видливост и изложеност токму преку оваа платформа.
Како се случи „Дигиславиа“, што ве водеше низ идејата, каде најдовте инспирација?
„Дигиславиа“ се роди во првата ковид изолација во Словенија. Идејата за онлајн галерија ја имав веќе подолго време, а идејата за hosting дојде подоцна како опција за колаборативен проектен менаџмент. Инстаграм беше одбран како мрежа што беше најпопуларна меѓу младите (барем пред две години кога започна проектот) па решив целиот промотивен материјал да биде пласиран таму. Инспирацијата ја наоѓам најчесто онлајн, гледајќи нова уметност како традиционална, така и дигитална.
Кој може да биде дел од „Дигиславиа“, како ги бирате уметниците кои би биле дел од платформата?
Секој артист кој има портфолио може да биде дел од „Дигиславиа“! Немаме критериуми за кој аплицирира на проектот. Уметници од сите сфери, сите оние кои што имаат вистинска желба да се дел од заедница и се подготвени да се промовираат – се добредојдени. Возраст, место на живеење и род – воопшто не не интересираат! Добредојдени.
Како ја развивате „Дигиславиа“ и што имате во план за наредниов период? Каков е одзивот на уметниците и публиката?
„Дигиславиа“ се развива бавно и постепено, меѓутоа тоа го направи проектот мултидимензионален. Од прва, артистите имаа опција само да го едитираат сајтот, понатаму вклучивме кратки пишани интервјуа, потоа можноста апликантите да бираат што ќе се постира во нивната недела на нашите Instagram Stories. Исто така вклучивме и moodboard, explore и find a job (repost edition) секции кои може да ги погледнете за инспирација. Moментално работиме на тоа да го развиеме нашиот Digislavia shop кој исто така може да се најде на нашиот инстаграм. Одѕивот на уметниците е умерен но значителен! Моментално над 150 артисти имаат аплицирано да бидат дел од „Дигиславиа“. Некои откажуваат во последен момент меѓутоа секогаш има некој нов кој може да добие место и датум за бесплатна промоција! Одѕивот на публиката е исто така одличен, моментално имаме околу 3.000 следачи на Instagram, нешто кое што никогаш не очекувавме дека ќе се случи.
Сметате ли дека со соодветна поддршка може младите уметници да бидат повеќе видливи и соодветно претставени?
Апсолутно да. Дел од идејата за проектот произлезе од потребата за промоција на локални уметници. Градските/приватните галерии или слични институции не делуваат како да се заинтересирани за новиот бран на таленти што моментално го гледаме во Македонија. Во контекст на физички локации, ретко кои би имале капацитет за да соберат 150 уметници на едно место. И како решение на овие проблеми се појавува нашата веб страница.
Освен македонски уметници на „Дигиславиа“ може да се најдат и многу уметници од други земји. Дали сметате дека со поврзаноста на повеќе уметници може да се создаде простор на слободно изразување и споделување на секакви идеи?
Се согласувам дека поврзаноста на повеќе уметници придонесува до простор за слободно изразување. Меѓутоа, исто е важно да се напомене дека со интернационална соработка добиваме поголема видливост, уште поголем простор за размена на идеи и искуства, вон физичките граници коишто нè делат во реалноста.
Ќе може ли да ни кажете кој е Марко во слободно време, што ве опушта најмногу, што ве инспирира и води низ вашата работа? Ќе сакате ли да направите една споредба со нашата земја и Словенија во поглед на уметноста, слободното изразување и креативноста?
Во слободно време слушам музика и творам. Моментално сум последна година магистерски студии на смерот Business Informatics на Факултетот за бизнис и економија во Љубљана. Паралелно работам на мојот друг креативен аутлет ViolentTrip (проверете го на Инстаграм: violentxtrip). За разлика од „Дигиславиа“ таму постирам многу ретко, меѓутоа заработката од VT производите се целосно насочени кон одржување на нашата веб страница. Најмногу ме инспирира музика, природа и уметност. За работење, често се инспирирам од сите мои артисти и од различните земји кои ги посетувам. По природа сум хиперактивен и секогаш имам некоја нова идеја или план. На темата разлики помеѓу Словенија и Македонија во поглед на уметноста, моето лично искуство е дека во Словенија има повеќе финансиска и институционална поддршка за уметност. Мислам дека Словенија е добар пример каде што школите се поврзани со министерствата и заедно организираат конкурси и настани, нешто што ни фалеше во средното уметничко во Скопје. Во поглед на уметноста, насекаде низ светот постојат многу талентирани луѓе на кои што им е потребна поддршка да се промовираат, пласираат својата уметност и добивват на видливост. Како и во Македонија, така и во остатокот од светот.
Марко Аврамоски
Теодора Митровска, модна дизајнерка – „Digislavia е поттик за креативците на овие простори“
Што ви значи на вас „Дигиславиа“ како млада модна креаторка, што сметате за идејата зад платформата?
Мислам дека „Дигиславиа“ е одлично место за презентација на млади креативци од Балканот или екс-ју земјите. Имам дискутирано со повеќе дизајнери од регионот како има толку креативни млади луѓе и голем потенцијал за соработка кој не се искористува, па ми е драго што полека почнуваат да изникнуваат иницијативи, како „Дигиславиа“, кои работат на промена на ваквата состојба.
Дали сметате дека со поддржувањето на младите уметници на платформата се создавааат подобри услови за тие да творат и да ја развиваат креативноста?
Давање простор за изразување и платформа е од огромно значење за секој креативец. За жал, создавање подобри услови за творење е многу покомплексен зафат, должност на државата, министерствата за култура и некои помоќни организации, но она што Марко го прави со „Дигиславиа“ е неминовно супер поддршка и поттик за креативците на овие простори, како и одличен простор за networking и остварување меѓусебни соработки.
Како бевте претставени на платформата со кои дела и креации и каква уметничка порака пренесовте?
На платформата Т*МИТРОВСКА се претстави со селекција од највпечатливите и најавтентичните креации од оформувањето на брендот. Идејата ми беше да создадам една мала лична карта на брендот со цел оние кои прв пат се сретнуваат со Т*МИТРОВСКА да се запознаат со мојата работа.