По најавата со сингловите „Кензо Танге“ и „Нова Ера“, официјално излезе албумот од Druggy насловен „Неврзаните“. Во овој албум Druggy обработува политичко-општествени теми кои изобилуваат со општествен активизам, а како контраст на овие теми се појавуваат и неколку „љубовни“ парчиња. Со „Неврзаните“ артистот сака да го крене својот глас против неправдите кои се чувствуваат на повеќе нивоа во нашиот систем и да ја разгори искрата на оние кои сакаат да го променат статус-квото.
Албумот е сниман и продуциран за време на пандемијата. Во него Druggy експериментира надвор од својот класичен звук на современиот хип-хоп и создава песни во кои може да се почувствува влијанието на Дафт Панк, Крафтверк, Африка Бамбаата како и на југословенската електроника и синтпоп сцена.
Проектот е целосно продуциран од Druggy, а се појавува и како вокал на сите парчиња, затскриен зад вокодерскиот (роботски) звук. На проектот гостува скопскиот бенд Искра на траката „Нова Ера“, како и соработникот на Druggy од TDFU, Sexy Marsa со кој ја обработуваат темата „Глеј и Пеј“. Зад изработката на екслицитниот кавер на албумот кој визуелно ја пренесува идејата на „Неврзаните“ стојат Илија Димкоски и Моника Павловска од Cherry Cannon.
Сите 9 песни од проектот се достапни за преслушување на YouTube каналот за македонска музика Homage to Music, како и на поголемите стриминг платформи.