Музејот на Македонија објави дека ќе има изложба „Африкански лица“ со фотографии на реномираната македонска фотографка Билјана Јуруковски.
„Изложбата ќе се отвори на 16-ти јуни и на неа ќе бидат претставени повеќе фотографии што Билјана Јуруковски ги правеше во текот на нејзините патувања низ Африка. Меѓу нив особено се истакнуваат прекрасните портрети на народот Сури којшто е една од најизолираните заедници населена во Југозападна Етиопија. Оваа изложба ќе биде убава можност да се запознаете со архаичната култура на народот Сури, но исто така и да го посведочите уникатниот талент на фотографката Билјана Јуруковски. Куратор на изложбата „Африкански лица“ е доц. д-р Гоце Наумов со што ја продолжува низата на изложби во музејот, а кои се однесуваат на африканските култури („Духовите на Африка“ и „Африка во Македонија“). Како и претходните изложби, така и оваа ќе биде пропратена со неколку јавни настани и средби со фотографката Билјана Јуруковски. Повеќе информации околу отворањето и текот на изложбата ќе споделиме во наредниот период, така што подетално ќе бидете запознаени со нејзината содржина и предвидените мерки“ објавија од Музејот на Македонија на нивната Фејсбук страница.
Изложбата е финансиски подржана од Министерство за култура на Република Северна Македонија.