Buenos Aires International Film Festival, Osaka International Film Festival – OIFF, Stockholm City Film Festival, Dallas Independent Film Festival и Prisma Rome Independent Film Awards, International film Festival – Sweden се последните филмски фестивали кои го селектираа во својата програма играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски.
Станува збор за престижни филмски фестивали, на кои се пријавуваат преку 1 500 филмови за да бидат дел од официјалната селекција, со што продолжува успешниот поход по награди за новото дело на Пиперкоски.
По шест вредни награди на познати фестивали шурум светот, играниот филм „Дедо и внук“ неодамна беше прогласен за најдобар странски филм на престижниот Independent Film Awards во Лондон. Претходно „Дедо и внук“ ја освои наградата за најдобра режија на The Buddha International Film Festival, наградата за „Најдобар филм“ на Интернационалниот Филмски Фестивал во Париз, а доби и две признанија за извонреден придонес во светот на филмот (Outstanding contribution to the world of Cinema) од 4-th Dimension Independent Film Festival и уште една награда на TIFF -Tagore International Film Festival во категоријата играни филмови. Досега две награди за фотографија освои и Директорот на фотографија, Патру Паунеску.
Режисерот Пиперкоски, кој го напиша и сценариото за филмот, раскажува прекрасна приказна, со која сите гледачи ќе можат длабоко да се идентификуваат – проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук.
Во филмот играат: Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери. Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со: „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“, и е финансиски помогнат од Агенцијата за филм. Директор на фотографија е романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, композитор Оливер Тевчев, а монтажата ја направи Данчо Стефков.