Перформансот „Место за поддршка – корупција на работно место кај жени“, се одржа минатата недела во центарот на Скопје, на Рекорд, просториите после канцеларијата на претседателот на РСМ. Во тој перформанс се обработени неколку сведоштва од жени кои се соочиле со корупција на работно место, во вид на секаков тип вознемирување, психичко или физичко насилство, малтретирање, закани и т.н.
Овој перформанс е резултат на истражување преку онлајн анкета и интервјуа, во кое учествуваа над 500 жени и повеќето од нив биле сведоци на насилство на работно место од страна на лице на позиција на моќ.
Истражувањето е направено од страна на Енџи Николоска, Валентина Милошевска, Даниела Милошева, Ивона Мицков и Драгана Гунин, а во перформансот учествуваа актерките Емине Халил, Владанка Димковска, Енџи Николоска.
Резултатите од истражувањата покажуваат дека поголемиот дел од насилството со кое жените се соочуваат на работно место го извршуваат мажи кои дејствуваат од позиција на моќ и истото може да биде физичко и психичко, додека насилството од жена на позиција на моќ спрема своите вработени е преку психичка тортура и мобинг.
„Место за поддршка“ е посветен на сите храбри жени кои преку своите сведоштва создаваат простор за поддршка за сите кои се соочуваат со насилство од било каков тип.
“Имам многу случки за да одвојам само една. Генерално биле сексистички коментари од страна на соработници и/или колеги, elevating eyes, девалвирање и вреѓање на интелигенција врз родова база, дерење со погрдни зборови, итн. Но се имам судрено и со несакани допири за време на деловни средби, на рамења, на дланка, струк. Генерално и двата типа вознемирување ме имаат уплашено, понижено и вознемирено.”
“Арогантно, дрско, некултурно однесување од раководител со умисла дека институцијата е негова своина, па, со висок и некултурен тон, може од истата да ве брка како да сте му дома дојдени. Двојни аршани кон негови сопартијци и другите останати вработени.”
“После продолжено породилно отсуство (бидејќи моето дете беше болно имав право на боледување) на првиот работен ден од страна на управителот бев отстранета од работа и прекината работната задача пред сите колеги поради тоа што веќе примил друга вработена на моето место.”
„Перформансот прати неколку сведоштва, драматуршки поврзани во една целина, снимени како аудио приказна која се користеше како основа. Останатиот дел беше поврзан со изјави кои се најчести, преведени на јазици кои се зборуваат во РСМ. Идентитетот на сите е заштитен и не се користени специфични места од сведоштвата и детали. На овој проект се работи од крајот на 2020 година а на истиот му претходат и искуствата на студентки со сексуално вознемирување од страна на професори на своите факултети. Со нас, свои искуства споделија и случајните минувачки“, се вели во соопштението од организаторите и истражувачите.
Монтажа на аудиото е од страна на Владимир Николовски а камера и монтажа на видео Дехран Муратов. За перформансот беа дизајнирани маички со посебна порака, кои беа поделени на случајните минувачки, а се направени од страна на Ивана Цветковска.