Во дизајнот на ентериер има правила и принципи со кои се олеснува патот до добриот дизајн. Тие се еден вид на водич при уредувањето, за да не се погреши. Но, правилата може и да се прекршат, бидејќи вистинската креативност доаѓа надвор од „зоната на комфор“. Од Ателје Проектинг издвојуваат неколку правила кои треба да ги прекршите ако сакате автентичен ентериер.
ВО МАЛ ПРОСТОР НЕ ТРЕБА ДА СЕ УПОТРЕБУВААТ ТЕМНИ БОИ
Општопознато е дека светлите бои го прават просторот да изгледа поголем. Тоа се постигнува со примена на светли бои на ѕидовите и плафонот, светол под или теписони и мебел во светли бои. Не секогаш бојата е пресудна за тоа како ќе го доживееме просторот. Понекогаш потемна боја на дел од ѕидовите или теписонот дава длабочина на просторот. Темните бои исто така може да бидат пријатни, доколку се искористат правилно, дури и во мали простори. Со нив може да се дизајнира впечатлив ентериер, важно е да се обезбеди доволно природно и вештачко светло и просторот да не се „натрупа“ со мебел.
ТРПЕЗАРИСКИТЕ СТОЛИЦИ ТРЕБА ДА СЕ ИСТИ
Вообичаено е трпезариските столици да се комплет со ист дизајн како и масата, ваквите комплети се среќаваат најчесто кај класичните трпезарии. Дизајнерите често сакаат да го прекршуваат ова правило, бидејќи визуелно ја прави трпезаријата „здодевна“. Многу често комбинираат трпезариска маса со столици кои не се од иста колекција, а посебно интересна композиција се добива кога столиците имаат различен дизајн или боја. Столиците може да бидат во ист стил, но различни модели, но исто така може да бидат и со различлен стил како би се постигнал контраст. Со комбинација на различни столици се добива простор со автентичен изглед.
НЕ СЕ КОМБИНИРААТ РАЗЛИЧНИ ВИДОВИ ДРВО
Непишано правило е дека дрвото во целиот простор треба да биде ист вид и боја, но ваквиот избор не изгледа секогаш убаво. Кога во еден простор преовладува мебел и други дрвени површини во еден тип и боја на дрво, понекогаш изгледа монотоно. Идеално е да се комбинираат два различни типа на дрво, не повеќе од три. За складен изглед на ентериерот треба да се внимава на тонот, големината на шарата и завршницата.
НЕ ТРЕБА ДА СЕ МЕШААТ ПРИНТОВИ
Како и во модата, ова е омиленото правило што треба да се прекрши ако сакате интересен и впечатлив дизајн во просторот. За ентериерот да биде естетски складен потребно е принтовите кои се користат да бидат во иста палета на бои, големината на принтовите да биде соодветна и еден да биде доминантен, а другите подискретни. Со комбинациите на различни принтови се постинуваат најразлични стилови и нудат неограничени можности за трансформација на вашиот дом.