Во сабота на 29 мај, од 14 до 18 часот, позади гимназијата Јосип Броз Тито ќе се одржи промоција на новата колекција пролет/лето 2021 на стрит брендот „Jiny“. По тој повод ние поразговаравме со Мартин Петровски, основач и дизајнер на брендот кој веќе пет години посветено работи на развивање на уличната мода.
Што беше ваша инспирација за основање и развивање на бренд како „Jiny“?
Главна иснспирација ми беше и сè уште ми е мешавината на културите (улична, панк, скејт, метал, хард кор, хип-хоп, поп итн.) и сè што сум бил опкружен уште од дете. Уметност, фотографија, филм, спорт, музика, историја. Со еден збор кажано, слобода.
Која е насоката во која сакате да го развивате вашиот бренд?
Сè што правиме со „Jiny“ е со максимална посветеност и љубов. Бираме врвни материјали и сакаме да се развие во еден свој стил и начин на слободно изразување. Без грижи.
Уличната мода секогаш е голема инспирација за сите модни креатори. Како вие гледате на неа?
Баш како слобода. Кој како сака да се носи, што сака да слуша, црта, креира, да се глупира итн. без разлика на пригодата. Со кој и да седиш, да бидеш свој. Бунтовничка е и секој има да каже нешто на свој начин. Според мене уличната мода секогаш е пакет од многу детали, а не само парчињата облека. Тоа што го кажувам и во претходните прашања за „Jiny“.
За неколку дена ќе се случи промоција на вашата нова колекција пролет/лето 2021. Какви парчиња содржи таа, како настана и колку време работевте на неа?
На новата колекција работевме приближно четири месеци и содржи повеќе парчиња како маици, дуксери, разни видови на јакни, блузи итн. Дојдете видете сами! Проммоцијата на новата колекцијата на Jiny пролет/лето 2021 ќе се одржи на 29.05.2021 позади средното училиште ЈБТ на баскет теренот (ако има најави за дожд ќе најавиме каде ќе се преместиме).
Како вие го замислувате мажот што носи и купува „Jiny“ ?
Секој што ќе се пронајде може да носи „Jiny“, немам идеален човек како треба да изгледа за да носи. Секој што го чувствува брендот, стилот, приказната како близок до себе, може да е дел од него.
Која модна декада најмногу ве инспирира?
Тешко прашање, секоја декада ме инспирира на свој начин.
Кои се вашите следни, работни чекори по промоцијата на новата
колекција?
Веќе почнавме да работиме на новата колекција и со нетрпение ја очекуваме.