Горјан го знаеме по апликацијата МојВоздух и по активизмот за подобар начин на живот во земјава, а сега поразговаравме со него за новата платформа МојГрад преку која пред неколку дена беа доставени првите три предлози до Советот на Град Скопје кои се најдоа на дневен ред пред советниците. Предлозите се поставени на платформата од граѓаните, а најгласани досега беа субвенции за стерилизација и кастрација на миленици, додавање слеани рабови на тротоарите кај пешачките премини за корисници на инвалидски колички и деконтамиација, хуманизација и претворање на Купром фабриката во студенски град со урбано зеленило.
Горјан ни објасни за идејата и како функционира платформата и зошто очекува Скопје да стане подобар град за живеење.
Започнавте нова платформа МојГрад преку која граѓаните на Скопје директно може да даваат предлози за подобрување на состојбата на градот кои потоа ќе бидат предложени до Град Скопје. Од каде произлезе идејата за платформата и како точно функционира?
Идејата дојде од фрустрацијата на намалената (или на места непостоечка) комуникација помеѓу граѓаните и локалните власти. На социјални медиуми граѓаните пишуваат барања, ги тагнуваат преставниците на нивната локална самоуправа и град, но ретко кога од таа интеракција произлегува вистински резултат. МојГрад е платформа каде што граѓаните ќе може да ги пишуваат своите предлози за подобар град, да гласаат за други предлози со кои се сложуваат, и да ги следат истите кои од наши советници ќе бидат поднесени до градскиот совет. МојГрад е мостот помеѓу граѓаните и градските власти, е алатка за дирекна вклученост на граѓаните во управувањето на нивниот град, но служи и за политичка одговорност од градските власти и мерило дали тие ги слушаат нивните граѓани. Во 21-от век, редно време е да ја користиме технологијата за да ја доближиме демократијата во Македонија до нејзината вистинска дефиниција.
Платформата е базирана на веќе постоечки платформи на ЕУ во многу нивни земји (како Конзул платформата). Ние решивме да ја прекодираме, со цел да имаме поголема контрола врз можностите што ги нуди.
Забележав дека има доста предлози и секојдневно листата се зголемува. Како сте задоволен досега од одзивот на граѓанит и кои предлози се меѓу најгласаните?
Одзивот е прекрасен! За само недела дена имаме десетици предлози од граѓани, како и над 500 гласачи на платформата, без денар маркетинг потрошен за истата. Благодарение на споделувања на социјалните мрежи, и нашите пријатели новинари, имавме успешен старт на платформата што ќе ги зближува граѓаните и локалните власти!
Дали сметате дека градските власти ќе покажат отвореност за решавање на некои предлози од платформата, со оглед на тоа што досега доста бавно или воопшто не се решаваат некои прашања? Колку сметате дека платформата ќе помогне за подобрување на градската слика?
Разликата меѓу нашата платформа, и други, е тоа што член на нашиот тим, Драгана Велковска, е веќе постоечки член на советот на Град Скопје. Тоа и дозволува директно да ги поднесува иницијативите до советот на дневен ред. На тој начин советот мора да ги види и дискутира предлозите на граѓаните. Се надеваме дека на наредните локални избори, платформата ќе добие поголем број на советници на советите низ градовите и општините во Македонија, со цел уште подлабоко внесување на барањата на граѓаните, без да се надеваме и молиме на отвореност на институциите.
Доста сте искусен во полето на активизмот со неколку успешни апликации на и тоа не само кај нас туку и во други земји. На што работите моментално и кои ви се целите на подолг рок?
Во моментов сум фокусиран исклучиво на 2 проекти: МојВоздух и МојГрад. Како секој активист, сакам да ги решам сите проблеми во светот, но и јас имам само 24 часа во денот, така што решив да се фокусирам на она преку кое можам да имам најголем импакт. МојВоздух секако е веќе успешен проект во 45+ земји со пола милион корисници, и тимот зад него е прекрасен. МојГрад е новата наша иницијатива (поддржана од дел од најпознатите активистички организации во Македонија), и нашиот ангажман со неа само ќе се зголемува.
Како го замислувате Скопје за 10 години од сега, дали сметате конечно ќе се ослободиме од загадениот воздух, ќе имаме повеќе зеленило и поголема освесеност кај граѓаните и властите за поквалитетен и поздрав живот?
Да. Скопје ќе биде подобро место за живеење. Граѓаните се будат, многу побрзо од порано, стануваат свесни за нивниот удел во градот, во владеењето, во одлуките. Јавната свест е на многу повисоко ниво од порано, а почесто слушам приказни како наши се враќаат од странство за да подобрат нешто тука (како мене). Времето на прифаќање на лошата состојба брзо поминува, и времето на надеж и напредок следува, го гледам тоа во другите и во себе. Ќе дишеме чист воздух, ќе возиме велосипеди на патеки, ќе имаме ред во сообраќајот и урбанизмот. Скопје, радост ти ќе бидеш :))