Кај нас дома сите сме љубители на чизкејк во секоја можна форма! Печен, непечен, класичен, чоколаден, со јагоди, малини, џем, буквално секаков. 😊 Ако и вам чизкејкот ви е меѓу омилените десерти и сакате да експериментирате со начинот на кој го подготвувате и послужувате, пробајте го овој рецепт бидејќи нема да ве разочара! Совршен е за топлите денови, а подготовката е прелесна и нема шанси да згрешите ниту еден чекор. Згора на тоа, мини формата на секоја тортичка одделно ви овозможува да бидете супер брзи и креативни при послужувањето за повеќе лица одеднаш.
Состојки за основа:
- 115 г мелени бисквити
- 1 лажиче шеќер
- 40 г стопен путер
Состојки за фил (на собна температура):
- 230 г крем сирење или кајмак
- 150 г шеќер
- 1,5 лажица брашно
- 2 јајца (L големина)
- 60 г кисела павлака
- 60 мл слатка павлака (хопла)
- 1 лажица ванила екстракт
За декорација:
- шеќер во прав или шлаг
- малини, јагоди, капини или друго овошје по желба
Прво подгответе ја основата. Во длабок сад измешајте ги мелените бисквити со 1 лажиче шеќер и стопениот путер. Мешајте добро додека сите бисквити се натопат со путерот. Во тава за 12 мафини ставете по една хартиена кошница во секој од калапите и секоја кошница наполнете ја со мешавината од бисквити и путер. Натапкајте ја добро смесата за да формирате рамен слој. Печете 5 минути во загреана рерна на 175 степени, а потоа оставете ја тавата да се излади и не вадете ги хартиените кошници од калапите. Намалете ја температурата на рерната на 165 степени.
За подготовка на филот, во еден сад измешајте ги шеќерот и брашното. Во друг голем длабок сад додајте го омекнатото крем сирење и сипете ја мешавината од шеќер и брашно. Миксирајте со помала брзина додека добиете кремаста изедначена смеса. Додајте ги јајцата едно по едно со кратко миксирање после секое додавање. Потоа додајте ја ванилата, киселата павлака и слатката павлака за готвење. Миксирајте повторно со пониска брзина додека се соединат состојките. Внимавајте да не претерате со миксирањето. Добиената смеса ќе има меурчиња полни со воздух, па за да се ослободите од нив чукнете го садот од работната површина 20-30 пати додека ги снема меурчињата кои се видливи на површината. Потоа наполнете ги кошниците еднакво со филот. Протресете ја малку тавата за да добиете рамна површина во секој калап.
Печете во загреаната рерна на 165 степени околу 20-23 минути. Внимавајте да не почнат да пукаат тортичките, па затоа проверете ги и порано во текот на печењето. Кога ќе бидат готови средишниот дел може сосем малку да се движи како желе, но страните треба да се целосно цврсти. Оставете ги тортичките во тавата да се изладат околу 1 час на собна температура, а потоа покријте ги со пластична фолија и оставете ги во фрижидер најмалку 3 часа. При ладење малку ќе се соберат. Кога ќе бидат целосно изладени, послужете ги со прелив од јагоди, шеќер во прав или шлаг и овошје по желба.
Уживајте во неодоливиот вкус! 😊