Доколку сте љубител на производи за нега, нејзиниот профил на „Инстаграм“ ќе ве привлече од првиот момент. Катерина Зафирова е девојката која стои зад профилот @kattzia и со еден сосема поинаков пристап ни доловува информации од оваа област. Катерина работи како продукт специјалист во академија позиционирана како глобален лидер во иновациите на естетската козметологија, чијашто главна визија е воведувањето нови методи и производи во оваа сфера. Идејата вакви содржини да споделува и на својот профил се случува спонтано, кога од прва рака, согледувајќи го процесот на развој на производи и начинот на формирање цени во козметичката индустрија, сака да испрати порака дека единствен и најбитен фактор при изборот е нивниот состав!
Оризовата вода во последно време стана хит третман што ветува дека ќе придонесе за погуста, поцврста и поздрава коса. Многумина го испробуваат овој тренд очекувајќи видни резултати, но дали ова се реални очекувања? Дали оризовата вода може да дејствува и за побрз раст на косата? Ајде да ја разгледаме оваа тема и од научен аспект.
Третман што се базира на анегдоти – но без директни научни докази
Нема студии што можат да го потврдат ова дејство. Постојат неколку студии во однос на екстракт од ориз, но тие се направени за производи што содржат екстракт на триците од зрното ориз. Екстракцијата и нејзината обработка во формулирање производи, за жал не е исто со киснење ориз во вода. Но, нормално е студии да се прават за производи од кои може да се заработи, студиите чинат многу пари. Кога сме кај обичен ориз, тоа не е исплатливо, но знаејќи кои својства ги има оризот, можеме да анализираме дали ова е уште еден повеќе лош од добар домашен третман или може да има одредени придобивки.
Дали оризовата вода може да помогне при опаѓање на косата?
За да може да се дејствува на растот на коса, потребни се компоненти што имаат дејство на циклусот на влакното, односно косата подолго да остане во анагена фаза (фаза на раст). Оризовата вода или самиот екстракт од ориз немаат докажано вакво дејство. Предолго чекање при соочување со ваков проблем и испробување на домашни методи на своја рака може да доведе до низа проблеми. Затоа, доколку се има проблем од овој тип, треба да се обратиме кај професионалец за научно докажана терапија и соодветни испитувања со цел да се лоцира изворот на проблемот, а не да испробувате методи на своја рака базирани на народски тврдења.
Дали оризовата вода има некакви потенцијални придобивки за косата?
Од друга страна, оризовата вода е богата со скроб, аминокиселини, инозитол… Оризовиот скроб е одличен за хидратација на влакното, креира заштитен слој и дава сјај на косата. Аминокиселините даваат цврстина и волумен на косата. Инозитолот останува на влакното и по плакнењето и спречува оштетување.
Согласно ова, за разлика од многу домашни третмани што често се повеќе лоши од добри, овој не изгледа така. Доколку се има реални очекувања, има потенцијал. Многу професионалци кои се против DIY нега, сепак се согласуваат дека оризовата вода е ветувачки третман. Но, многу е битно да знаеме дека ова не е третман за решавање на проблемите со опаѓање или какви било други проблеми со косата или скалпот. Едноставно, ова може да биде дел од негата кај нормална коса и треба да се има нормални очекувања. Тоа значи дека овој третман може да биде добро освежување на влакното, само за негова хидратација и зацврстување.
Можни придобивки на оризовата вода како третман за косата
Можни придобивки се: посјајна коса, намален електрицитет и спречување на пукање на влакното. Нормално, кога косата е негувана, помалку има потреба од скратување и полесно ќе можеме да ја постигнеме посакуваната должина.
Како се прави оризова вода?
Дали ја користам оризовата вода за нега на коса? Да, не многу често, но два до три пати месечно знам да ја употребам. Како ја користам? Користам ферментирана оризова вода, затоа што има повеќе антиоксиданси. Користам и интегрален ориз, наместо бел. Зошто? Кај белиот ориз при процесот на обработка и рафинирање се отстрануваат триците од зрното. Студиите покажуваат дека токму овој екстракт има придобивки за косата, кога сме кај превенција на оштетување и поцврсто влакно. Затоа го користам интегралниот ориз, но ако некогаш подготвувам бел ориз не ми е проблем да ја искористам и таа вода. Белиот ориз, пак ,содржи најмногу скроб, така што ефектот од него може да биде поинтензивен во однос на давање сјај на косата.
Како се приготвува? Најпрвин се плакне оризот. Мерките се ориз и вода во однос 1 наспрема 3, се покиснува 1 чаша ориз во 3 чаши вода, па се остава околу еден час. Потоа се процедува водата во тегла, а оризот може да се користи нормално за готвење. Водата се остава во затворена тегла два дена, да ферментира. Оризовата вода генерално се користи по шампонирање на косата, масирајќи го скалпот и должината на косата, па се остава да дејствува околу 15 до 20 минути. Потоа се плакне само со вода, па стандардно се користи маска или регенератор.
Ферментираната оризова вода е мошне богата со антиоксиданси, но за некого мирисот може да биде преинтензивен. Мене не ми пречи, ниту, пак, се задржува на косата. Доколку некој има проблем, наместо да се чека да ферментира, може да ја искористи водата по неколку часа киснење. Друг метод е да се искористи водата во која се варел оризот.
Дали го препорачувам овој третман?
Не можам да препорачам нешто за што нема доволно докази, освен претпоставки и анегдоти, иако моето искуство досега е позитивно. Сепак, секој индивидуално и на своја одговорност треба да одлучи дали вреди да се проба. Доколку имате волја да испробувате нови работи, за мене ова е навистина интересен и корисен адут за нега во рутината за коса. Доколку немате време за подготовка на такви третмани, на пазарот постојат одлични формулирани производи што ќе го дадат истиот ефект, па дури и подобар. Сепак, не сметам дека ова е некој револуционерен или уникатен третман за коса, многу слични состојки ќе најдете во веќе готови маски и балсами. Но, ако имаме мерак и време, за мене останува како пожелна опција. Брзо се прави, економично е, има логика за многубројни придобивки.