Во Археолошкиот музеј е отворена за посетители патувачката изложба ,,Raffaelo: Opera Omnia”, музејска репродукција на 14 дела од најпознатите портрети на Рафаело Санти (Санцио) од кои два се изложени во најпосетуваниот музеј во Европа, Лувр во Париз, а останатите се изложени во најпознатите италијански галерии: Галериите Боргезе и Барберини во Рим, Галериите Уфици и Палатина во Фиренца и Националната галерија во Урбино.
Рафаело Санти, заедно со Микеланџело Буонароти и Леонардо да Винчи ја претставуваат тројката на најголеми уметници и великани од високата ренесанса.
Оваа изложба започна да го обиколува светот во 2020 г. со цел одбележувањето на јубилејот, 500 години од неговата смрт. ,,Raffaelo: Opera Omnia” до сега била изложена во Финска, Кина, Тунис, Венецуела, Турција, Јужна Кореа и Приштина. Изложбата е во соработка со Италијанската амбасада и истата ќе биде отворена за посетители два месеци, до 20.12.2021 г. Влезот е бесплатен.