Од вечерва до 24 октомври во Националната опера и балет и Кино Фросина ќе се одржи 40-тото издание на Скопје џез фестивал. На фестивалот ќе настапат 11 изведувачи од Македонија, Европа, Куба и САД.
Фестивалот вечерва го отвори супер-херојот на скандинавската џез сцена Матс Густафсон со свој специјален соло рецитал на саксофони. Од САД доаѓа квартетот на новата голема ѕвезда на џезот, басистката Линда Меј Хан О, како и култната музичарка, поетеса, активистка и ем-си Мур Мадер, во придружба на легендарниот перкусионист од „Арт Ансамбл оф Чикаго“ Дуду Којате и Матс Густафсон. Од Данска, САД и Шпанија ни гостува квартетот на извонредниот гитарист Јакоб Бро, од Португалија многубројниот Лисабонскиот андерграунд музички ансамбл Л.У.М.Е., од Грција триото на исклучителната џез-пијанистка Тања Џанули, а од Австрија експлозивните Шејк Сту, информираат организаторите на настанот.
Како дел од јубилејното издание на Скопскиот џез фестивал е и специјалниот проект „Ну Мјузик 4“ посветен на џез-легендата Дон Чери, со Кристер Ботен, Горан Кајфеш, Матс Густафсон и Окај Темиз, како и настапот на проширениот ансамбл на нашиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов.
Фестивалот ќе го заокружи концертот на славниот кубански пијанист Роберто Фонсека и неговото трио.Придружната програма на фестивалот оваа година опфаќа изложба на плакати на Скопскиот џез фестивал под наслов „Complicate Simply!”, потоа премиерно прикажување на две значајни документарни филмски остварувања: „Aretha Franklin: Amazing Grace“ и „Blue Note: Beyond the Notes”, како и настап на најпознатиот албански џез состав во моментов – AJS Quartet.Во рамките на фестивалот, организаторите информираат дека ќе бидат промовирани две нови ЦД-изданија на SJF Records – најновите албумски објави на Јордан Костов ансамбл и Светлост + одрон ритуал оркестра, а ќе биде доделена и веќе традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2021 година.