Полицијата никогаш во минатото не била клучна во оваа борба, па баш затоа е тешко да се замисли дека некогаш во иднината би можела да биде.
Интегрално го пренесуваме текстот од Meduza.mk за непостапувањето на полицијата во случаи на родово базирано насилство.
Постојат текстови кои се тешки за пишување. Овој се испостави да биде еден од нив. Постои еден стереотип (од многуте стереотипи) за феминистките дека се огорчени и лути. И јас се наоѓам себеси како сум навистина огорчена и лута. Но, ако порано пробував да „работам на тоа“, сега сфаќам дека и тоа е една од тактиките на насилничкиот систем да нè држи во субмисивна положба. Имаме причини да бидеме лути и има начини на кој тој гнев може да се канализира кон политичка мобилизација. Лути сме и на историјата и на политиката, на донесувачите на одлуки, на медиумите и поп-индустријата, на насилниците и релативизаторите, на блиските кои им го покажуваат местото на жените и на непознатите кои им го покажуваат местото на жените. Секако, особено сме лути и на институциите, кои со сите транс-генерациски, но и секојдневни напори и жртви, секогаш работат за одружување на статус квото. На чело со полицијата. Често, лута сум на себеси што очекувам правда од овие институции, а во константното соочување со тоа разочарување, понекогаш не знам што да правам со лутината која се насобира. Во обид да ја канализирам (и понекогаш употребам) го работам токму ова. Но, како што кажав, некои текстови се тешки за пишување.
Проблемот се сведува на фактот што жените, во принцип, не ѝ веруваат на полицијата; квир луѓето не ѝ веруваат на полицијатa; сексуалните работнички и работници не ѝ веруваат на полицијата; жртвите на насилство не ѝ веруваат на полицијата, и листата може да продолжи. Би било чудно состојбата да не беше таква, со оглед на тоа што овие групи граѓани или на своја кожа имаат почуствувано полициско заплашување, уценување и насилство, или пак игнорантност и непостапување. Имајќи ја предвид таквата историја и сегашна позиција на полицијата, како и зачестените дискусии за намалување на буџетите на полицијата и нејзино укинување како долгорочен проект, контрадикторно ми е да „барам“ од полицијата да си ја врши работата за која е платена (од наши пари), т.е. да понуди превенција и заштита од насилство за сите. Сепак, го правам токму тоа. Поразително е да се помириш со фактот дека оваа институција не само што е нефункционална, туку е и активен заштитник на културата на насилство; култура во чии очи одредени девојки и жени заслужуваат да бидат малтретирани, уценувани, омаловажувани, навредувани, силувани и тепани. Поразитално е, но неизбежно, со тој факт човек да се помири и се запраша, каде понатаму од таа позиција?
Историски, полицијата не ги заштитувала жените од насилство и веројатно нема ни да почне да го прави тоа наскоро. Фактот што до пред 50тина години семејното насилство воопшто не се сметало за кривично дело (а родово базираното насилство надвор од партнерските односи сè уште не е дел од Кривичниот законик кај нас), само ја разбиструва сликата зошто еден полицаец при пријава на насилство од страна на жена, може да каже:
девојче, немаш закана по живот, нема што да направиме,
љубовна кавга е тоа, не се мешаме или
треба да си припазиш како се облекуваш, каде излегуваш и со кого, и повеќе да си седиш дома и да ги гледаш децата. Не треба провокативно да се однесуваш да се шминкаш за да не предизвикуваш љубомора кај мажот…
Истакнатите цитати се сведоштва од жени кои решиле да пријават насилство, во (очигледно залудна) надеж да бидат заштитени. Надежта е особено залудна бидејќи најчесто жртвите на насилство не влегуваат во рамката на „совршена жртва“ која заслужува заштита и правда и лесно и брзо ќе ги добие. Случаите кои излегуваат од оваа рамка (на пример жртвите на Јавна соба), каде во очите на машките институции жените направиле нешто за да го заслужат/провоцираат/влошат насилството, се класични примери на двојна виктимизација кои ги одвраќаат жените од самата идеја да пријават насилство.
Токму заради ваквата поставеност на работите, нејасно ми е, како МВР можеше да се осмели преку медиумите да „ги повика“ жртвите на Јавна соба да пријавуваат, во очи на сите сведоштва дека по овие пријави не се постапува. Тоа што беше дополнително проблематично е што одговорот на сите институции беше родово неутрален, кога сите знаеме дека жртви на овие групи се исклучиво девојки и жени.
За да ја искристализираме оваа позиционираност на институциите кои би требало да нè заштитуваат, собравме сведоштва од девојки и жени кои решиле да пријават родово базирано насилство и сведоштва од организации кои нудат бесплатна правна помош и следеле вакви случаи. Одговорите и треманот кои повеќето од нив ги добиле се разочарувачки, загрижувачки и страшни, а во прилог издојувам само дел од нив:
Првин се јавив во полиција, но не добив одговор. Другиот ден отидов во станица, ми рекоа да почекам. Додека чекав еден полицаец ме праша што сум барала, му објаснав. Ми рече лекарско да извадам, не ни ми зедоа пријава, немав физички знаци на насилство, сфатив дека нема да можат да ми помогнат. (Инаку самиот полицаец доста арогантно се однесуваше).
Бевме сами кај другарка ми. Тој што ме вознемируваше дојде на врата. Се јавивме во полиција и ми рекоа дека морам да дојдам лично во полициска станица да направат записник. Им кажав дека не можеме да излеземе затоа што стои пред врата. Ми рекоа дека таква е процедурата. Само јас знам како таа вечер се вратив дома…
Поранешен вонбрачен партнер на жртвата постојано насилно се однесувал. Жртвата сакала да ја прекине врската кога насилството ескалирало. Еднаш физички ја нападнал жртвата во кафуле нанесувајќи лесни телсни повреди, а потоа втор пат ја следел, и се заканувал и пробал да ја напдне додека влегула во возило. Жртвата извадила за првиот пат медицинска белешка, а двата случаи ги пријавила во полиција. Полицијата прекршочно го гони сторителот, а сторителот èе уште ја демне и ја вознемирува жртвата.
Тоа што дополнително загрижува е што системот на внатрешна контрола на МВР е нефункционален, па службениците имаат простор непрофесионално да постапуваат или да ја злоупотребуваат својата позиција на моќ. Едноставно е – нема да претрпат последици! Повторно, МВР во јавно излагање побара од жртвите да принесат докази доколку службеникот не постапил правилно. Последен пат кога проверив, тоа е работа на самата институција, а не на жените кои покрај сета траума се осмелиле да пријaват насилство. Едно такво сведоштво од 2017 година, каде се пријавeни 10 службеници за воzнемирување, до ден денес нема разрешница:
Поднесов пријава до внатрешна контрола и народен првобранител за вознемирување при извршување работни обврски од страна на 10 полициски службеници. Внатрешна контрола се изјаснува дека нема основ на вознемирување и дискриминација врз основ на родов иденитет и сексуална ориентација, без да ме повикаат да дадам и усмен исказ. Народен првобранител го дава случајот во ОЈО. Ме повикуваат да дадам изјава. Го опишувам случајот детално.
Ми поставуваат прашање:
Дали доколку ги викнеме лицата на препознавање ќе ги препознаете?
Им велам ДА, ќе ги препознаам.
И така после 4 години јас уште чекам да ме викнат да ги препознаам лицата. Иако, искрено денеска нема ни да ги пречознаам ликовите, бидејќи поминаа 4 години.
Сведоштвата во кои службениците ја вратиле жената дома кај насилникот, пробале да ги помират партнерите или настапиле со неверување кон жртвата има еден тон. Уште толку сведоштва има кои укажуваат на непостапување и незаинтересираност, а во случаите со групи кои се дополнително општествено маргинализирани и недоволно заштитени, сведоштвата говорат и за насилство од страна на самите полициските службеници.
Сите овие сценарија се доста познати, па затоа воопшто не е чудно што жртвите баш и не ја гледаат станицата како првото место каде би се обратиле за заштита. Сепак, чудна и бизарна е ноншалантноста со која полицискиот синдикат изјави дека полицијата постапува професионално. Ма немој! Единствената порака која беше пратена преку таа изјава е дека службениците ќе бидат зашитени по секоја цена, а таа цена често ја плаќаат најмаргинализираните.
Родово базираното насилство е едно од најнепријавуваните кривични дела глобално, а од оние жени кои бараат помош, веројатноста да се обратат кај пријателите или семејството е повисока отколку да побараат помош од полицијата. Во Македонија, само 2% од жените кои преживеале насилство од партнер, го пријавиле тоа што го сметаат за најсериозен инцидент во полиција, а полицијата често не постапува соодветно нашите закони и Истанбулската конвенција, дури и за тие поразувачко ниски пријавени случаи. Повисокиот процент на пријави на родово базирано насилство, не би значале пониска стапка на родово базирано насилство по дифолт. Но соодветно постапување по истите, би можеле да значат понизок процент на пролонгирано насилство, фатални случаи и фемициди. Ако и другите институции, како судовите и социјалните центри исто така би се приклучиле кон соодветно постапување по овие случаи, наместо работење според свои уверувања и вредности, тоа би значело правда за жртвите и можност за успешна и безбедна реинтеграција.
Имајќи го тоа на ум, би се вратила на фактот дека повеќето случаи на родово базирано насилство во земјата остануваат непријавени, а често и невидливи, што поради замижувањето на оние околу, што заради замолчувањето на жртвите. Дури и институциите кои треба да нè заштитат од насилство како МВР и судовите да работеа беспрекорно, тоа би било само еден дел од процесот на закрепнување на преживеаните. За сите жртви на родово базирано насилство, и тие кои пријавиле, и тие кои не пријавиле, траумата останува и се прелева во сите други полиња на функционирање. Па во таа смисла, паралено со нашите напори насочени кон полицијата, (која се покажува како тотално некооперативна, респонзивна и самокритична творба), прстот треба да го впериме на уште сто места, особено кога зборуваме за закрепнување и превенција.
Полицијата никогаш во минатото не била клучна во оваа борба, па баш затоа е тешко да се замисли дека некогаш во иднината би можела да биде. Тоа е дури невозможно да се замисли во склоп на сегашниот модел на концентрација на неразуздана машка моќ, авторитет и хиеарархија на едно место, без функционална внатрешна и/или надворешна контрола.
Баш затоа и не е тешко да се замислуваат и да се инсистира на други методи и механизми за сузбивање на родово базирано насилство, кои не се базираат на државниот апарат на моќ, туку на „меката моќ“ на другите институции, како инвестирање во образовни, економски, социјални и здравствени програми, континуирана едукација и градење на заедници кои се базираат на грижа, наместо насилство. Сепак, оваа позиција, или идеолошка одредница, не смее да значи иземање на полицијата од нивната должна одговорност на постапување во рамките на системот во кои моментално функционираме. Секоја една жртва која ќе се одважи да пријави било каков вид на родово базирано насилство или вознемирување мора да биде дочекана не само со максимална професионалност, туку и со емпатија, солидарност и поддршка. Сè додека ова не е случајот со секоја жртва, полицијата не смее да се претставува како наш сојузник бидејќи во моментов е сè освен тоа.