Нов мурал „Ленка“ осамна во Велес, а во Богданци е нацртан мурал со Ѓорѓи Колозов и Ванчо Петрушевски. Темата за муралите е дејноста и делата на истакнати домашни дејци и автори во сферата на културата и литературата кои имаат директен придонес во развојот на државноста или придонеле во создавањето или во зачувувањето на културното наследство.
За муралот во Богданци поразговаравме со илустраторката Емилија Мишева (Ем Елефантски) која ни кажа дека како Богданчанка била почестена да работи на муралот.
„Зошто Богданци? Бидејќи јас сум од Богданци. Кога ја прочитав темата, првиот лик во свест што ми се појави, беше Ѓорги Колозов, Господ, царот е Богданчанец, ама и Ѓаоло е исто така од Богданци, Ванчо Петрушевски. Две легенди од мојот град. Првиот концепт беше многу поразличен од финалниот, но нормално креативниот процес на уметникот е едно, а да биде широко допадливо е друго. Како за прв мурал, искуството беше прекрасно. Скеле, четка, ваљак, бои сè беше тоа ново за мене. Најсрдечна благодарност до Бранко Сапламаев, директорот на Домот на култура во Богданци и до Блашко Шапов, градоначаник на Богданци. Им благодарам на сите мои луѓенца што ми помогнаа во процесот (си се знаат кои се). Муралот ми е во срце, бидејќи е за Богданчани и за моето Богданци. Да го зачуваме споменот за овие легенди, што допреле многу животи и многу генерации“, ни кажа Мишева.
Муралот во Велес ја претставува песната „Ленка” од великанот Кочо Рацин, преку илустративна визуелизација со цртеж во комбинација со текст. Задолжена за авторската скица и изведбата на муралот е Бранкица Јордановска, дипломирана графичарка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Текстот од песната претставен на муралот е изработен со фонтот Рацин Регулар, изработен од дизајнерот Ласко Џуровски според анализи на оригинални документи со ракописот на Рацин.
Сликањето на муралите е дел од проектот „Градиме култура, сликаме култура – мурали за 30 години независност”. Носител на проектот е „Фрагмент Комуникации” ДООЕЛ Скопје. Додека, извршител задолжен за спроведување на уметничката и креативна содржина е „Студио КР7 ТП”. Главната идеја на проектот е сликање мурали, ѕидни слики, во седум различни градови и тоа во Богданци, Кавадарци, Кратово, Крива Паланка, Скопје, Струга и Велес.