Сведоци сме на задушување на вистинската уметност во нашата држава, особено последниве години. Многу е важно со уметноста да се живее и да се соживее за да зборуваме за некакво нејзино влијание во општеството.
Васил Шемкоски
Неприкосновен креативец и критичар на општествените појави, илустраторот Васил Шемкоски, авторот на првата македонска боенка за возрасни „Скопје 091“ ни откри повеќе за својата љубов кон илустрациите и дизајнот, но и начинот на кој може да се влијае преку уметност на секојдневието и на сите работи што се случуваат, убави или неубави во една држава.
Долго време сте илустратор кој на креативен и досетлив начин ја отсликува македонската реалност, а во исто време дава и свежина на дизајнерската сцена. Што најмногу ве инспирира за илустрациите, што ви дава поттик за цртање?
Секојдневието, тоа ми е најголемиот поттик за моите илустрации, секојдневното незадоволство што го гледам кај нашиот народ. Тоа може да произлезе и од обичен разговор со некој близок, познајник, па дури и со некој непознат, како и од корелативниот однос со појавите во природата, социјалните, политичките и економските збиднувања.
Кој е Васил Шемкоски, освен што е илустратор? На што работите моментално, на што сте посветен?
По вокација сум економист, но не се пронајдов во таа сфера. Отсекогаш сум голем фантазер и љубител на дизајнот и сè што е поврзано со дизајн. Моментално работам на повеќе проекти, почнавме со стартапот „Фудгуру“, каде што работев на брендингот на оваа компанија за достава на храна. Исто така, почнав дигитална маркетинг-агенција, каде што работиме со странски и со наши клиенти. Работам и на ново издание за кое нема да ви откријам детали сега. ☺
Начинот преку сатира и хумор да се дава критика на македонското општество и на секојдневните случувања е несекојдневен и инспиративен. Која е пораката што сакате да ја пратите преку вашите илустрации?
Илустрациите секогаш праќаат порака, му се допаѓало некому тоа или не. Обично ги следам актуелните настани во општеството кај нас и пошироко. Пораката што сакам да ја пренесам ќе си ја сфати секој на свој начин.
Која илустрација би ви била особен предизвик да ја направите?
Особено би ми било драго да го изработам идниот постер за „Скопје џез фестивал“, особена инспирација ми се старите постери од деведесеттите, секогаш како дете бев фасциниран од креативноста на тие постери. Сметам дека им треба некаква свежина во дизајнот.
Дали сметате дека уметноста може да биде активизам и двигател на општествени промени?
Сведоци сме на задушување на вистинската уметност во нашата држава, особено последниве години. Многу е важно со уметноста да се живее и да се соживее за да зборуваме за некакво нејзино влијание во општеството. Ако се практикува и применува на вистинскиот начин, во вистински момент, мојот одговор е да, иако изгледа како да се оди пеш. 🙂
Кој уметник или илустратор ви е омилен, дали нечии илустрации или дизајни особено ви оставаат впечаток?
Постојат повеќе странски уметници и илустратори кои ги ценам и црпам инспирација од нив, Баскија, Шепард Фери, Јајои Кусама, Такаши Мураками, Кит Херинг, Енди, Дали… ги има премногу. Што се однесува до нашите, има многу и млади и повозрасни кон кои имам голема почит, знаат кои се. ☺
Колкав предизвик е да се биде креативен во нашето општество, дали сметате дека имаме добра основа за развој на уметничката и илустраторската сцена?
Предизвик секогаш има, па какви и да се односите и околностите во општеството. Креативниот ум не е зависен од тоа. И основа има, секако. Инаку, не би можеле да зборуваме за постоење на држава.
Автор сте на првата македонска боенка за возрасни „Скопје 091“. Како се случи боенката, од каде идејата со оглед на тоа што беше одлична прифатена од јавноста?
Боенката не ја виде светлината на денот тукутака. Од мал се интересирав за илустрации, разни цртани филмови, постери итн. Многу ме привлекуваа оние на Дарко Марковиќ, бидејќи беа актуелни и мошне духовити. Познанството со Љубомир од издавачката куќа „Три“ придонесе да се склопи мозаикот. А идејата – таа ја добив од невкусот и кичот на проектот „Скопје 2014“. Инаку, бев и сум сè уште фасциниран од творецот на постмодерното Скопје, прочуениот јапонски и светски архитект Кензо Танге, а како на вљубеник во архитектурата, некако сè ми се вклопи во таа приказна.