Системската поддршка, правните механизми и едукацијата се клучни против родово базираното насилство
Насилството врз жени и девојчиња не смее да се премолчува, да се пика под тепих, да биде табу, да биде срамота да се каже и да се пријави… Јавното зборување, едукацијата, препознавање на правните мерки и закони и нивното доследно спроведување мораат да бидат приоритет на секоја институција во државата. Системската поддршка е таа што најмногу им помага на жртвите да се одлучат да пријават и да добијат соодветна заштита. По повод 16 дена активизам против родово базираното насилство што трае во соработка со фондацијата „Фридрих Еберт“ поразговаравме со четири жени кои преку своите искуства и професии секојдневно се борат гласно и јасно преку различни механизми да стават крај на насилството врз жените и девојчињата.
Целосните интервјуа со нашите соговорнички ќе можете да ги прочитате во новиот број на Портрет магазин што излегува наскоро.
Марта Гусар, адвокатка за правно советување и правна заштита на жртвите на родово-базирано и семејно насилство
„Едукацијата треба да се одвива најмногу во насока конечно да се сфати дека жртва не е само кога има модринка, скршеница или друга физичка повреда. Сите кампањи да се водат на начин на кој сите видови насилство ќе бидат експлицитно објаснети за да може секој ама буквално секој да го препознае насилството во даден момент.“
Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство
„Секоја жена жртва на насилство се соочува со различни предизвици и во процесот на носење на одлуката да го пријави насилството и да го напушти сторителот, но и откако ќе го направи тоа. Со што ќе се соочи, тоа зависи од многу фактори. Никогаш не смееме да помислиме дека тоа е лесна одлука и дека жените кои живеат со насилен партнер не го напуштаат зашто не го препознаваат насилството или, пак, зашто се навикнале. Никој не се навикнува да живее во насилство.“
Христина Беловска, новинарка во ИРЛ
„Дискутабилна е секојдневната селекција на вести, насловите на темите, конкретно оние што произлегуваат од полицискиот билтен и како понатаму се пласираат. На пример, мене лично ми пречи кога читам дека семејното насилство, претепаната жена или ќерка се презентираат како ‘семејна драма’, па така се добива впечаток дека и жртвите се на некој начин соучесници или предизвикувачи на скандалот или ‘драмата’ во едно семејство. Овој тип описи треба да се искорени од медиумскиот речник, затоа што ја менуваат суштината и целта на медиумите во подигнување на свеста против семејното насилство. Секундарната виктимизација, која веќе ја споменав, и концептот на заштита на достоинството, на угледот и честа на жртвите одамна на се базични принципи за голем дел од медиумите кои се борат за ‘кликови’.“
Славјанка Петровска, пратеничка во Собрание на Р.С. Македонија
„Првиот контакт што го има жртвата со вработените во институциите е многу битен. Тоа е моментот кога жртвата треба да се почувствува сигурно и заштитено и никако не смее да почувствува осуда или недоверба. Но, еднакво важен е и начинот на кој понатаму ќе се проследи пријавата и пристапот кон расчистувањето на случајот. Ова е тоа што го дефинира мислењето за ефикасноста на институциите. Во изминатите години континуирано се работи на подобрување, пред сè, на процедурите, но и на зајакнување на вештините на вработените во институциите што први се соочуваат со жртвата, затоа што токму тие се оние што треба да им
дадат надеж дека институциите се грижат за нив.“