Колекциите на дизајнерот Мите Занов веќе неколку години се значителен дел од македонската модна сцена. Неговите уникатни модели се моќна порака дека квалитетот, талентот и напорната работа секогаш ќе те издвојуваат од толпата.
Вашите модели би ги опишала како моќни и впечатливи, нешто што на прв поглед се извојува од модната маса. Како вие ги опишувате и ги доживувате?
Најпрвин, благодарам за убавите зборови. Дефинитивно се впечатливи, уникатни, провокативни, тргнувајќи од помислата дека секој од моделите е уникат, односно постои само како едно парче. Но, од друга страна, секој мој модел го доживувам на различен начин, затоа што секој од нив за мене претставува одредена емоција, чувство, момент низ кој сум поминувал во периодот кога сум го креирал и сум го пренел во дизајнот. Дури и во процесот на дизајнирање, не размислувам и не се фокусирам на одредени стеги и трендови, дека моделот треба да биде секси, да биде во одредена боја, да биде впечатлив или не… едноставно кажано, модата е инструмент преку кој најдобро комуницирам, јазик со кој најдобро зборувам и со моите модели раскажувам емоции, искуства, мои ставови и сл. Секогаш се водам според мојата интуиција, според некој мој внатрешен глас што ми вели што да работам, која боја да ја искористам, каква текстура да употребам, кој материјал сметам дека е совршен за тој модел и каква приказна да раскажам.
На што работите во моментов, како ја одржувате креативната енергија?
Работа и само работа. Имам среќа што околу мене имам луѓе кои секојдневно ме инспирираат и ми даваат позитивна енергија, што ми дава мотивација да работам и да креирам и со кои многу лесно ја одржувам креативноста. Секако, во слободно време, што во претстојниот период сè помалку ќе го имам, знам да наполнам батерии со некое патување, добар филм, слушање музика, посета на музеи и сл. Периодов работам на неколку проекти истовремено, а тука се и клиентите со кои е задоволство и предизвик да се работи. Исто така, во процес сум на истражување, размислување и скицирање на новата колекција, што ќе биде наменета за сезона пролет-лето 2020.
Во ек е светска револуција за подигнување на свеста за одржлива, еко-мода. Внимавате ли при изборот на материјали, каков е вашиот став на оваа тема?
Секако. Живееме во години каде што ситуацијата со загадувањето, експлоатација на работната сила, масовното производство и брзата мода заземаа огромен замав и ситуацијата е алармантна. Со фактот што модата и модната индустрија се едни од најголемите загадувачи на планетата Земја, треба да почнеме да реагираме околу тоа прашање многу посериозно. Како дизајнер, работам на тоа прашање. Претходната летна колекција RESORT’19 беше речиси целосно изработена од up-cycled материјали, а исто така и многу од креациите беа направени без воопшто никаков отпад. Исто и во последната колекција „BLEUE“ користев материјали што ги реупотребував, како и од остатоци на материјали што сум ги користел порано. Исто така, изработувам дизајни по нарачка, што се прават специјално по мерка (custom made) и дизајните ги изработувам самиот. Во употребата на материјали, се обидувам сè повеќе да не употребувам материјали на кои не им го знам потеклото, гледам да се природни и да не штетат на природата, затоа и во новата колекција, ќе кажам, амбициозно, планирам да направам спој на моите досегашни познавања и да направам свој материјал, текстура, што ќе биде застапенацелосно во колекцијата.
Омилен момент од вашата досегашна кариера?
Ги има многу. Во овие неколку години, откако професионално се занимавам со оваа професија, запознав многу луѓе, имам прекрасни соработки, соработки што сум сонувал да ги имам и искуства што ме научиле многу, како треба и како не треба. Зад себе имам веќе седум колекции, секоја сама по себе различна приказна. Не можам да издвојам омилен момент, но можам слободно да кажам дека најинтимен, најемотивен и најискрен момент, за мене лично е колекцијата „Dedicated“, што ја посветив на мојата мајка.
Чувствувате ли предизвик да работите на родово неконформирачка линија или строго сте определен за женските модели?
Секако, да. Иако како дизајнер се класифицирам како дизајнер за женска облека, секако дека сум расположен за нови предизвици. Сум креирал и машка облека, сум креирал и креации за дрег-кралици, сценски костими, сум работел и како асистент костимограф за опера и балет… сè што е поврзано со мода и моден дизајн за мене е предизвик и сакам да го искусам.
Неостварена желба, сон…
Ќе звучи многу клише, но немам неостварена желба. Единствената желба што сум ја имал била да работам како моден дизајнер, да имам сопствен бренд, да работам на мои колекции и луѓето да сакаат да ги носат моите креации, а денес тоа е мојот живот. Навистина сум среќен што сум способен и го работам тоа што го сакам, а кога човек работи нешто со љубов, резултатот е секогаш позитивен, без разлика на трнливиот пат. Сонови имаме секојдневно. Некои се секогаш исти, некои се менуваат со текот на времето. Најголемиот сон што сега го имам е да останам опкружен со луѓето кои ги сакам, да продолжам да го работам тоа што најдобро умеам да го правам и, се разбира, проширување на брендот „Zanov“ надвор од нашата држава.