Родово-флуидната моделка Арон Филип (која подоцна се изјасни дека се идентификува со родовиот неконформистички феминизам) со своето појавување во светот на модата дефинитивно ја зголеми видливоста и прифаќањето на маргинализираните заедници не само во модниот свет туку и воопшто во општеството.
Родена во Антигва, дијагнозата квадриплегична церебрална парализа не ја спречила Филип да се бори за тоа што го сака, да стане модел. На тригодишна возраст нејзините родители се преселиле од Антигва во САД, за да добијат подобра медицинска нега за неа. Како младо транслице со финансиски тешкотии, Филип живеела во засолниште за бездомници и одлучила да стане активист за лицата со посебни потреби, користејќи ги социјалните платформи. На 14-годишна возраст ги напишала мемоарите со наслов „Ова дете може да лета: Се работи за способност (НЕ за неспособност)“. Во ноември 2017 година Филип почнала да постира свои фотографии на „Твитер“, изразувајќи ја својата желба и надевајќи се дека ќе биде забележана од некоја модна агенција. По нејзиниот твит, „Искрено кога ќе бидам забележана и ангажирана од некоја модна агенција, ќе завршам со ВАС! И под вас мислам СВЕТОТ! Луѓе, сега е времето на инклузивност и различност, соочете се со тоа!“ што стана вирален и само една година по објавувањето, Филип, на 17 години, потпиша договор со модната агенција „Елит“ од Њујорк од која излегоа познатите Наоми Кембел, Синди Крафорд, Адријана Лима, Тајра Бенкс… Со тоа таа стана првата трансафроамериканка со посебни потреби да потпише договор со толку голема агенција.
Следуваа кампањи со „Сефора“, „Доув“, „Аутдор војсес“, а во јуни 2019 година по првпат ја затвори ревијата на Вили Норис. Магазините „Дејзд“ и „Тин вог“ ја застапија и ја поддржаа низ своите страници, а минатата година беше и на насловната страница на дигиталното издание на „Пејпер“. „Држи ја главата исправено и знај ја твојата вредност“ се зборовите на Филип, што со својата работа ги урива бариерите, видливи и невидливи и го прави модниот свет отворен за сите.