Ако патувате во Берлин, многу работи ќе ви остават впечаток. Од една страна, Берлин е полн со историја и култура, а од друга со уметнички изрази и алтернативна сцена, што со текот на годините станала секојдневие. Покрај вообичаените работи (остатоците од Ѕидот, Бранденбуршката порта, Берлинер дом, споменикот на убиените Евреи во Втората светска војна, Чекпоинт Чарли…), Тојфелсберг е графити-рајот во Берлин. Но, што е толку интересно за оваа градба и како од шпионска станица за пресретнување на радиокомуникациите од Американците станала експресија за најдобрите улични уметници од целиот свет?
Ѓаволската планина (Тојфелсберг на германски), што се наоѓа во Западен Берлин, е вештачки создаден рид од урнатините и остатоците од бомбардирањето на Берлин по Втората светска војна. На тоа место бил и никогаш недовршениот воено-технолошки колеџ на нацистите, па затоа било полесно тој да се „закопа“, отколку да се урне. Сепак, денешниот изглед на Тојфелсберг го направиле Американците и Британците, кои ја сфатиле корисноста на местото толку високо над Берлин. Тие изградиле четири кули што го даваат денешниот карактеристичен изглед на Тојфелсберг, кои биле користени за прислушкување на комуникациите помеѓу Русите и Источен Берлин за време на Студената војна.
Откако Американците заминале по уривањето на Берлинскиот ѕид, ова место останало во рацете на властите, но бидејќи било скапо за одржување, било продадено, но не успеало и тоа, па ништо не изградиле на ова место, затоа било прогласено за дел од шумата околу него, место за одмор и уживање во погледот на Берлин. Ова било совршено да почнат да доаѓаат улични уметници и да го остават својот печат на празните ѕидови. Високите ѕидови што останале по неуспешните проекти се претвориле во огромни платна за улични артисти, посетители и вандали. Многу брзо местото било преплавено со графити од секаков стил, а некои пренесувале и геополитички пораки. Ова се случувало до 2012 година, кога таму сe собрала берлинската уметничка сцена, па повеќе уметници ја изразиле својата креативност исто како на платно, иако тоа не било дозволено од властите. Во 2015 година, во Тојфелсберг се собрале 70 артисти од целиот свет како дел од настанот „Берлин Рајзинг“, за да придонесат со свои дела во колекцијата на мурали. Настаните не запреле таму, па во 2016 година проектот „Уметноста на живеењето“ донела нови 170 графити и уметници кои ги редизајнирале повеќето површини во градбата. Денес, доколку сакате да нацртате нешто, не можете само да носите спреј и да цртате каде било, туку морате да се пријавите преку официјална интернет-страница.
Денес, Тојфелсберг нуди неколку видови тури со најниска цена од пет и пол евра, како и најпопуларната фото-тура за десет и пол евра. Тојфелсберг е отворен за посета од први февруари од 11 часот до зајдисонце. Одлично место за посета што, всушност, илустририра зошто Берлин е толку фасцинантен град, особено за тие што сакаат да слушнат историја и да видат неверојатна улична уметност, како и неверојатен поглед на Берлин на зајдисонце.