Како социјална мрежа со над милијарда корисници месечно и 500 милиони корисници дневно, „Инстаграм“ стана рај за совршени фотографии, ѕид со идентичен филтер, внимателно поставена и фотографирана храна и кафе, фотографии со цело сценарио и заднина за да се добие тој изглед на „совршено“. Но, полека, корисниците почнаа да го напуштаат овој шаблон и да трагаат по автентичност во морето од еднолични профили.
Машинеријата на совршенство почна со инфлуенсерите кои, промовирајќи се себеси и брендовите, стигнаа до ниво нивниот ѕид да изгледа со неверојатна естетика и план со внимателно поставени бои и светлина и исто толку труд вложен во фотошоп или филтери. Но, како што секоја акција има реакција, зад секоја совршена фотографија на „Инстаграм“ мора да се крие хаос на работ на рамката. Ова досега го замислувавме и се прашувавме какви тешкотии има секојдневно мајката на детето со ангелско лице. Фитнес-инфлуенсерот кој го следиме можеби тајно е зависник од слатки. Но, реалноста на „Инстаграм“ се менува, па така сè повеќе се забележуваат профили со нефотошопирани, ненаместени и неуредни фотографии и содржина постирана од прва рака само затоа што навистина му се допаѓа на корисникот. Така, познатите ѕвезди или инфлуенсери на „Инстаграм“ веќе можат да се видат и во несовршено издание, со тоа што, како што велат, подобро е за менталното здравје и благосостојба, како Кристи Тајген, Лена Данам, Маргарет Квали и младата инфлуенсерка Риси Блутстајн, која ги поместува границите на мејнстрим-инфлуенсерите и е влијателна кај помладите генерации.
Избришаната сцена од филм
Тоа што некогаш беше социјална мрежа само за убава фотографија или фраза сега стана и место за споделување проблеми, искрени разговори и исповеди, па дури и лични дневници. Познатиот назив „инстаграм ВС реалност“ е тоа што во последно време зема замав, па така честа е и компарацијата на фотографии една до друга, од кои едната е совршено наместена со одлично осветлување и заднина, а другата е всушност реалноста зад совршената фотографија, односно избришаната сцена од филм. Забележливо е дека помладите, односно тие од генерацијата З, всушност повеќе трагаат по автентичен, несовршен ѕид со фотографии и намерно се обидуваат да постираат такви фотографи, прикажувајќи се во вистинска светлина. Не се плашат да стават и „грда“ фотографија од себе или од околината само бидејќи нив им се допаѓа. Секако, не помина многу време пред светските брендови на „Инстаграм“, што реално е платформа што ја движат реклами и спонзорирани постови, ова да го свртат во своја корист. Маркетинг-специјалистите почнаа да бараат инфлуенсери кои вистински ќе ги поддржуваат и ќе ги користат нивните производи, а нема да продаваат само „гола вода“ на нивните следачи. Но, досега, како искусни инстаграмџии (или барем помладите генерации), би требало да препознаеме кој вистински постира реалност од својот живот само затоа што така сака или го злоупотребува тоа за финансиска корист.