2019-та беше година на многу филмски проекти што оставија печат на големото платно, добивајќи награди и поставувајќи го македонскиот филм на ново скалило, почнувајќи од достигнувањата на „Медена земја“. Се вртиме кон 2020 година и македонските филмови што треба да ги ставите на вашата листа за гледање.
М
По култниот „Џган“, од Вардан Тозија доаѓа „М“, фантастична бајка за осамено, осумгодишно момче во потрага по љубов низ мрачниот, дистописки свет на нашата блиска иднина. Длабоко во дивината, Марко останува без заштитата од единствениот човек кого го познава, својот суров и опсесивен татко. Не знаејќи што е мајка, тој одлучува да ја најде својата самовила, која постои во неговата стара сликовница. Во потрагата низ пустошот наидува на уште едно изгубено дете, десетгодишниот Мико. Мико е дете со Даунов синдром, со срце големо колку целата шума, како постар брат кој Марко секогаш го посакувал и негов сопатник во патот до белата самовила. Во филмот глумат и Сашко Коцев, Камка Тоциновски, а за поздравување е што филмот обрнува внимание на децата со попреченост во развојот и им се нуди шанса да бидат дел од филмското платно, нешто што досега не сме го забележале во македонски филмови. Со нетрпение го чекаме „M“!
Стела
„Стела“ е приказна за едно куче – шарпланинка, едно дете и еден дедо. Звучи идилично, но не е. Откако детето Николa ќе проба да се самоубие заради континуирано малтретирање во училиштето, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствена која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори. Првиот македонски семеен долгометражен филм за деца „Стела“, режисерот Стојан Вујичиќ и продуцентот Огнен Антов го најавуваат напролет годинава. По првпат во земјава филмот „Стела“ се реализира како прва „еко“ или „зелена“ продукција. Водени од најновите светски еколошки стандарди продукцијата „Дрим Фектори“ се обидува да ја намали емисијата на штетни гасови, да го рециклира отпадот според стандарди од Американската асоцијација на филмски продуценти.
Налепница
И оваа година, веќе трета по ред, Македонија имаше претставник на независниот филмски фестивал „Санденс“, кој донесе толку многу за „Медена земја“. На отворањето на 39. издание на фестивалот во јануари, премиерно се прикажа краткиот филм „Налепница“ по сценарио и режија на Георги М. Унковски. Деветнаесетминутниот филм „Налепница“ (Sticker) беше селектиран меѓу 5.000 пријавени филмови, од кои само 74 беа одбрани во официјалната програма. „Налепница“ е црна комедија, во која главниот лик по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, запаѓа во серија бирократски проблеми. Главната улога во филмот ја толкува Сашко Коцев.
Дедо и внук
Филмот на режисерот Илија Пиперкоски својата премиера ја имаше во декември минатата година. Приказната на филмот почнува по смртта на еден млад пациент, по што младиот лекар Никола се обидува да направи ред во животот и оди на посета кај својот дедо, кај кого последен пат бил пред десет години. Ова е филм за конфликт на генерации, со контраст на морални вредности и можности за втора шанса. Главните улоги се на Дејан Лилиќ и Салаетин Билал, чија последна улога е токму во овој филм пред да почине во мај 2018 година.
Сестра
Во декември минатата година заврши и снимањето на „Сестра“, првиот долгометражен филм на младата режисерка Дина Дума. Снимањето на филмот беше поддржано од Агенцијата за филм и е копродукција со Црна Гора и Косово. Режисерката Дума е и авторка на сценариото заедно со Мартин Иванов. „Сестра“ е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување. Дума досега има снимено два кратки филма, „Елена“ и „Враќање“, кои беа прикажани на многубројни фестивали и имаат освоено повеќе награди.