Иако сè уште за многумина модата е незамисливо да се доживее и во дигитална форма, модната индустрија сѐ повеќе навлегува во 3Д-светот. Модните дизајнери денес повеќе од кога било имаат можност да ги креираат своите дизајни целосно дигитално. Придобивките веќе не се само за гејминг-индустријата и за социјалните медиуми, туку сѐ поголемо е присуството на дигиталниот моден дизајн и при подготовките за процесите во производствениот процес на облеката. Замислете реален приказ на дизајните до најситен детаљ, на моделите и на околината каде што е замислена целата фотосесија. Колку ресурси, и парични и човечки, се заштедуваат за да се дојде до идеалниот резултат. Од друга страна, ова олеснување заштедува средства и за подготовката, но и ги намалува сите придружни потенцијални штетни влијанија на околината. Ова е огромна придобивка што ја поддржува одржливоста на модната индустрија.
Креативноста многу полесно и побрзо може да се изрази доколку сето ова го „управуваме“ со кликови и на софтвер, чијашто цена не ја надминува цената за вакви резултати во традиционалниот начин на дејствување во целиот моден процес. Со заштедување на времето потребно да се менаџира секој чекор кон видлив резултат, што, пак, треба да негува некаква естетика и креативност, заштедување ресурс како што е времето е од огромно значење. Па, така, со неколку кликови сега креативците можат да експериментираат повеќе, посмело и да внесат многу повеќе креативност. На глобално ниво, дигиталната мода, односно пикселизацијата на текстилните материјали е веќе застапена, а сè поголем број луѓе од модната индустрија без сомнеж го прифаќаат дигитализирањето што многу се одолжуваше. Замислете сега дека сте моден бренд што сака колку што е можно помалку да трае развивањето на новите дизајни; сакате да го намалите трошокот за материјали за проби и корекции на шаблоните; имате потреба од професионални фотографии без да потрошите време и пари за модели, локација итн., понатаму, сакате колку што е можно помалку луѓе во целиот процес; не сакате да купувате материјали пред да ги утврдите кројот и дизајнот. Дали би поседувале софтвер што ќе ги сумира и ќе ги генерира сите овие работи и потребните технички скици, сите посакувани бои и карактеристики на материјалите и 3Д-фотографии/рендери за ваша промоција и за социјалните медиуми?
Ова се само неколку придобивки од модата во пиксели, односно софтверите со кои се изработени дигиталните дизајни. Зар не е парадоксално што модната индустрија што вообичаено ги диктира трендовите не беше прва во инкорпорирањето на дигиталните облеки во модните брендови и бизниси? Сепак, очигледно е нејзиното влијание на дисеминацијата на НФТ, на пример.
Уникатни модни дизајни веќе се дел од виртуелната реалност, а повеќето се и исклучиво дизајнирани за таа цел. Но, најпрвин – што значи НФТ? – НФТ (Non-fungible-tockens) се уникатни дигитални средства што ги поседувате во виртуелен свет, кои не можат да бидат реплицирани, а кои отвораат безброј нови можности и се во .jpg, .png, .mov или 3Д-формат. Тие не можат да бидат копирани и/или хакирани.
Нивното поврзување со модната индустрија засега е и наједноставен и најприфатен начин за влез во новата ера на целокупниот моден свет за пошироките маси. Неизбежно е да ја споменам НФТ-еуфоријата минатата година што се одбележа со зголемен број на креирање НФТ. И како што најголемите модни и луксузни брендови секогаш се водичите кон најновите трендови, така и нивната еуфорија за пласирање НФТ ги потврди традиционалните трендсетери. „Карл Лагерфелд“ во септември 2021 година продаде 777 парчиња, секое во вредност од 77 евра. Истиот месец минатата година, „Долче и Габана“ со колекцијата „Genesis“ достигна 5,65 милиони американски долари. Дигиталната модна куќа „Фабрикант“ засега е најголемиот катализатор за нормализирање на идејата за дигитална облека.
ДРЕССХ, пак, продава дигитална облека од повеќе брендови што можете да ја купите на нивната интернет-страница и со испраќање на ваша фотографија истата облека може да биде додадена на ваша фотографија. Ова е веќе голем тренд што е прифатен од инстаграмџиите за да го избегнат полесно повторувањето на модни комбинации на своите објави. (Иден) тренд кај модно освестените инфлуенсери? – Секако.
Пандемијата значително го зголеми бројот на онлајн-трансакции. Според истражувањата, порастот на онлајн-продажбата може да достигне пораст од дури 65% доколку купувачите имаат можност да видат 3Д-рендери од производите и да можат да ги погледнат во виртуелна реалност за да имаат интеракција при купувањето. Модната индустрија веќе направи вистински прогрес во делот на развивање прототипи, симулација, редефинирање и редизајнирање, па дури и продажба на облеката со помош на новите технологии. До пред неколку години купување на дигитална облека беше претерано и незамисливо. Но, денес, дигиталните аутфити се купуваат и за многу поголеми суми споредено со цените при нивното прво појавување во виртуелниот свет. Целта на инкорпорирањето на НФТ, 3Д-дизајнот и виртуелната реалност не е замена за она што веќе го живееме и кое секогаш, пред сѐ, ќе биде физички, туку целта е олеснување, подобра и поодржлива презентација на модата.
Во следниот број ќе зборувам повеќе за одржливата мода или можеби за „Метаверс“… Дотогаш сакам да ви предложам неколку # што би можеле да ја доближат темата за која веќе читавте до вашето секојдневие: #3dclothing #3dfashion #nftfashion…