По повод 30 април, светскиот ден на вдомување на кучиња од прифатилиште, заедно со ЈП Лајка започнавме кампања за вдомување на неколку прекрасни кучиња, кои бараат но и даваат многу љубов и на кои им е потребен дом. Во прифатилиштето на ЈП Лајка во моментот има околу 60 кучиња кои чекаат да го најдат својот дом.
Доколку се размислувате да земете миленик, нека вашиот избор биде некое од кучињата згрижени во прифатилиштето на ЈП Лајка.
Сите заинтересирани може да ја испратите вашата пријава на vdomi@lajka.com.mk или да не исконтактирате нас Портрет магазин.
1. ХАСКА КАРОЛИНА има 1,5 година, среден раст и од расата Хаски. Има прекрасен темперамент, многу е мила, дружељубива и весела, одлично се сложува со други кучиња. Каролина е позитивна на лишманија за што прима соодветна терапија.
2. ПОЦО (микс од пинч)- Преслаткиот Поцо има 1 година, мал раст е и е микс од пинч. Има мил карактер, забавен, енергичен, сака постојано да си игра и добро се сложува со други кучиња. Идеален миленик за семејство каде ќе го исполни домот со многу смеа и забава.
3. РОВАЈЛЕРКА МОНА– По карактер е мирна, но е доминантена во однос на други кучиња. Потребно е да биде единствен миленик. Возраст: 7 години.
4. ЕСТЕБАН – боја (бело со портокалово, среден до голем раст) – весел, игрив и дружељубив. Се сложува само со кучиња од женски пол. Возраст: 1 година.
5. БЛОНДИ – Мирна и мила по природа, добро се однесува со луѓе и со други кучиња. Идеален миленик за дом со добро ограден двор. Возраст: 1-2 години.
6. ЛИСА (боја крем со бело) мила и слатка, сака да се гали и да си игра. Дружељубива и весела, добро се сложува со други кучиња. Идеален миленик за дом со деца. Возраст: 1 година.
7. МАРЕЛА (црна питка) возраст: 5 години, среден раст и e микс од пит бул. Иако делува навидум строго и сериозно, Марела всушност е многу мила и мирна. Обожава да се гушка и да ја галат по стомачето. Сака да ужива на сонце и да истражува во природа. Се сложува добро само со одредени кучиња. Идеално би било да биде вдомена во дом каде ќе биде единствен миленик.
8. БАГЕ – Исклучително мила, мирна и многу паметна. Знае да оди на поводник, обожава да се гали и да биде опкружена со луѓе. Возраст: 1 година.
9. ХАРИ (хаска) – Има весел карактер, сака да се дружи со други кучиња и да игра во паркот за миленици. Идеален миленик за дом со добро ограден двор. Позитивен е на дирофиларија и ерлихија за што прима соодветна терапија. Бараме вдомувач што ќе продолжи со двете терапии.