Поетот Андреј Ал-Асади неодамна ја издаде својата последна стихозбирка „Секој секому огледало“ која изобилува со стихови што допираат многу теми, носат длабочина и интензитет со цел да го претстават чистењето на душата и срцето. Тој е автор и на стихозбирките Midnight Blues „Под дервишовото сиќе“ и „Небесна геометрија“, а со последните две влезе во потесниот избор за престижната награда „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшки вечери на поезијата. Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, меѓу кои: Поетска ноќ во Велестово, 100.000 Поети за промена, Струшки вечери на поезија и други. Неговите песни се преведени на англиски, на арапски, на српски, на хрватски, на италијански и на грчки јазик.
Како се одвива вашиот процес на пишување поезија, како би го опишале?
Песните се случуваат самите од себе. Ги пишувам брзо, стихијно и сосема ночекувано. Може да се каже дека секој стих е еден вид на откровение, јавувајќи се како лесен трепет во утробата, кој едвај чека да излезе на виделина. Тогаш, знам дека морам да пишувам. Повеќето од песните ги пишувам како резултат на некој внатрешен немир, на промена или само интересен разговор со некоја необична личност. Најчесто, откако ќе ја напишам песната, останувам без зборови и волја за понатамошно пишување. Ваквиот процес на пишување изискува многу внимание, сосредоточеност и енергија. Во моето пишување се испреплетуваат наизменични чувства на возбуда, истоштеност, радост и тага.
Дали една песна откако ќе ја напишете знаете дека е готова или одново ѝ се враќате?
Искусниот поет веднаш ја препознава песната која е готова и може да се сподели со читателите. Сепак, просторот за подобрување е нешто што постојано се шири. Песните кои најбрзо ги пишувам се всушност песните кои веднаш би му ги дал некому да ги прочита. Како и да е, има песни на кои постојано им се навраќам, сакајќи да проникнам во содржината, да ги структурирам најдобро што може, да ги поврзам сликите и да го зацврстам самиот логички след.
Што најмногу ве мотивира и инспирира да пишувате?
Инспирацијата е нешто многу флуидно и непредвидливо. Безброј работи можат да го мотивираат човек да напише стих или песна. Најчесто се работи за места, луѓе, емоции или некои поважни случувања од блиската и подалечна околина. Секој извор на инспирација си носи со себе одреден интензитет, длабочина и содржина карактеристични за самиот извор. Затоа, различни песни обработуваат различни теми, а понекогаш можат да се забележат и големи во самиот стил од песна до песна.
Која стихозбирка досега најмногу ви претставувала предизвик?
Искрено, не можам да издвојам стихозбирка која ми претставувала најголем предизвик. Сите стихови се од мене и се враќаат кај мене. Мислам дека песните во себе ја носат истата длабочина, острина и непомиреност со нашето роботско секојдневие. Можеби контекстот се менува, но процесот останува ист.
Со „Под дервишовото сиќе“ и „Небесна геометрија“ влегоа во потесниот избор за престижната награда „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшки вечери на поезија. Какво искуство беше ова да се биде дел од ваков фестивал на поезијата?
Искуството е едновремено возбудливо и предизвикувачко. Првиот пат не ни очекував дека ќе бидам поканет на Струшките вечери на поезијата како дел од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“. Тоа ми претставуваше товар, како психолошки, така и творечки. Самото влегување во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ значеше дека секоја следна стихозбирка треба да биде подобра од претходната. Струшки вечери на поезијата е фестивал кој ги оправдува сопствените величини преку минатите учесници и лауреати, а, исто така, и преку големиот број на странски и домашни поети кои секоја година земаат учество. Оттука доаѓа возбудата и предизвикот да се биде дел од Струшките вечери на поезијата, посебно кога се наоѓаш во потесниот избор за најдобра македонска стихозбирка помеѓу две фестивалски изданија.
Годинава ја издадовте последната стихозбирка „Секој секому огледало“. Како би ја опишале, на што се фокусиравте да кажете, како се разликува од претходните?
Додека пишував, фокусот беше ставен врз интелигенцијата на срцето – бхакти јога или чистење на огледалото на срцето, како што би рекле јогините и суфиите. Затоа и самата стихозбирка го носи насловот „Секој секому огледало“. Можам да кажам дека книгата е различна од претходните по структурата, стилот и разноликоста на темите. Нејсе, таа е надоврзување на претходните две стихозбирки и најверојатно ќе биде надоврзување и на следните.
Во стихозбирката можат да се прочитаат и песни за македонските археолошки наоѓалишта во Говрлево, Кожув, Долно Дупени, локалитетот Кокино, а се гледа и инспирацијата од митологијата. Што сакавте да покажете и претставите преку овие неколку песни?
Сакав да повлечам една хронолошка дијагонала, осврнувајќи се на историјата на Македонија од зорите на цивилизацијата до словенските наезди. Целиот циклус „Оди за срцето на каменот“ претставува една скромна дисекција на писменоста, археологијата и цивилизацискиот континуитет на територијата на етничка Македонија. Секоја песна е длабоко проткаена со моите лични сознанија за местата и времињата кои ги опишувам. Овие песни, заедно со одредени песни од другите два циклуса, претставуваат реактуелизација на едно минато кое, во овие времиња на силни идентитески турбуленции, ни е повеќе од потребно за понатамошниот духовен и национален развиток. Тоа ми беше целта, а на читателот останува да ја протолкува секоја песна на свој оригинален начин и да ја стави во функција на сопствениот светоглед.
Кои автори и поети ги читате, што може да се најде на вашите полици?
На моите полици може да се забележат автори од сите времиња и места кои пишуваат во најразлични стилови и обработуваат широк спектар на теми. Сепак, од источните автори би можел да ги издојам Руми, Хајам, Јунус Емре, Башо, Кобајаши Иса, Фаридудин ал Аттар. Тука, мислам дека би требало да се наведат и поетесите како Зеб-ун-ниса и Валада бинт ал Мустакфи. Од друга страна, пак, се уште се инспирирам од поети и поетеси како Витман, Елиот, Гинзберг, Бадр Шакр ел Сајаб, Хасан Зактан, Махмуд Дарвиш, В.Х. Оден, Ахматова, Цветаева и други. Сепак, најдрагоцена ми е збирката од македонските поети како Анте Поповски, Радован Павловски, Петре М. Андреевски и Блаже Конески.
1948
Заради еднозначноста на присилиата
Или пустошот во нивните матки
Заради градите ли смекнати од јач
Со таква леснотија се држеа
Таа ноќ над глувите води на Преспа
Сигурни во тоа што се, и што од нивните коски
Некогаш ќе цвета, каде и да ги легнат
Тогаш, кога светот не можеше да подалеку да гледа
Од сопствените колена, кога Европа
Се грчеше над своите гнојливи рани
Илјадници мајки со децата на грб
Македонски мајки смело стапнаа
Во студените тишјаци на Преспа
Како глаголи во нова песна.