Меѓу 5 и 8 август, ќе се реализира четиридневна уметничка работилница за креирање ‘лендарт’ во месноста Лавчани, во близина на Велес. Настанот е дел од проектот „Заедно дишеме“ на уметницата Симона Манчева, а целта на работењето со ‘лендарт’ е да се преиспитаат начините на кои ѝ пристапуваме на природата, како и да се крене јавната и политичка свест за екологијата и меѓузависноста на човекот со природата. ‘Лендарт’ е уметничко движење кое се појавило во 60-тите и 70-тите години на минатиот век преку креирање уметнички дела со користење природни материјали на отворен простор. Движењето било карактеризирано со алтернативен пристап кон уметничките практики кои ги поврзувале природата и културата преку одржливата уметност.
Група уметници и волонтери од Скопје, Велес, Неготино и Кавадарци ќе создаваат уметнички инсталации со природни материјали, како и со рециклирање на отпадна хартија, на место покрај автопатот Скопје – Велес кое се наоѓа во близина на железничката станица „Рајко Жинзифов“, во месноста позната и како Лавчани, во близина на село С’лп.
Во работилницата ќе учествуваат уметниците: Симона Манчева, Ана Трајковска, Ристо Јосифовски – Ромбо, Доротеј Нешовски, Елена Димова Пантелиќ и Славица Капиданова, и волонтерите: Уна Стошиќ, Викторија Чочева, Верица Чочева и Дарко Стојанов.
На третиот ден од настанот, 7 август, ќе се одржи и интерактивна Работилница за Пермакултура, со правење семенски бомби. Работилницата ќе ја реализира Елена Данова – едукаторка со познавање и искуство од областа на Пермакултурата и едукативно градинарство.
Целта на овој проект е да се овозможи активно делување и проактивност на заедницата во насока на отварање и решавање на проблеми и прашања на микро ниво. Активноста е реализирана во соработка со КСП Центар-Јадро, во рамки на проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“ финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија