Во декември минатата година, сто и десет дигитално испечатени фотографии од фоторепортерот и доајен на македонската фотографија Живко Јаневски (1940 – 2000) беа изложени во Културно-информативниот центар во Скопје, на прекрасна изложба под наслов „Точки на интерес“. Неговата ќерка Маја Јаневска Илиева ни ги раскажа нејзините впечатоци, спомени и размислувања за нејзиниот татко од неколку аспекти.
Што ви значат вам творештвото и фотографиите на татко ви и какво е неговото влијание за развојот на македонската фотографија?
Кога бев дете, на училиште учевме за идните наши можни професии: лекар, инженер, учителка, кројач, оџачар, но никаде не се споменуваше професијата фотограф, а камоли фоторепортер. Можеби затоа професијата на татко ми за мене беше чиста егзотика. Поголемиот дел од неговите наградувани фотографии ги имав видено и го знаев нивното настанување. Тие беа составен дел од мојата претстава за мојот родител. За мене, нивното значењето е огромно, бидејќи сум емотивно врзана за нивните приказни во моето детство.
Да зборувам за неговото влијание во македонската фотографија не би можела, зашто не сум компетентна како историчар на македонската уметност. Како негова ќерка, сѐ што ќе кажам на таа тема ќе биде чист субјективизам. Но, тоа што го знам со сигурност е дека по него произлезе генерација фоторепортери, мајстори на занаетот, од неговата неформална школа. Неговите тогашни ученици, а сега мои колеги, сè уште раскажуваат за неговиот другарски пристап кон нив и несебичната поддршка што им ја давал, но и за научените животни лекции. Кај сите од нив, и денес, го гледам и го пронаоѓам татко ми како автор и како човек.
Која била примарната пасија на Живко Јаневски за фотографирање, што најмногу сакал да долови во неговите фотографии? Кои моменти биле најинтересни да се фатат и надвор од работните задачи?
За да ја најдеме примарна пасија на Живко треба да тргнеме од неговите почетоци. Кога почнал сериозно да фотографира, како студент, во шеесеттите години на 20 век, правел таканаречени уметнички фотографии што ги праќал по разни фотосалони на натпревари. Во нив се гледа неговата потрага не само по добро естетски компонирана фотографијата туку и мигот уловен од животот, улицата, луѓето. Тој жанр критиката го нарекуваат лајф фотографија, чиј најпознат претставник е Анри-Картие Бресон, а бил многу популарен во фотографијата и тогаш. Живко барал убавина во секојдневието на обичниот човек и трагите што ги остава тоа битисување. Оваа умешност ја довел до совршенство, за што сведочат многубројните награди и највисоките фотографски звања што ги достигнал. Станал мајстор на фотографија дома, во Југославија, а се стекнал и со меѓународното звање ЕФИАП, екселенција на Меѓународниот сојуз за уметничка фотографија, во 1973 година.
Потоа, кога почнал да работи во „Нова Македонија“ како фоторепортер, овие знаења вешто ги пренел и на новинската фотографија.
М-р Станко Неделковски во каталогот за изложбата „Точки на интерес“ нагласува: „Во фотографиите на Живко Јаневски нема строга граница помеѓу работниот ангажман во издавачката куќа и желбата за создавање на добра фотографија. Покрај документаристиката што ја имаат како функција, овие фотографии поседуваат ликовна вредност својствена за неговиот фотографски израз и се преклопуваат со темите и преокупациите што ги имал во неговиот ’белградски период‘. Колку се визуелен документ поради фотографското сведочење за нашата историја, која треба да биде сочувана, истовремено се и значаен документ за напредокот на македонската современа фотографија“. И надвор од работните задачи, татко ми продолжил да го бележи животот на луѓето, на градот како и низ регионот. Но, секогаш тоа го правел преку сопствениот, уникатен фотографски израз.
Изложбата „Точки на интерес“ се фокусира на политичките и општествените случувања во земјава во периодот од 1989 до 1994 година како важен историски период. Но фоторепортерите работеле и на сите други области и од спортот, од културата, уметноста… Која друга точка на интерес би ја истакнале кај Живко Јаневски?
Изложбата е ограничена на времето од 1989 до 1994 година затоа што негативите од кои се отпечатени фотографиите потекнуваат од тој период. Тоа е непосредно пред и за време на осамостојувањето на Македонија, време со многу надеж за поубава и просперитетна иднина, но и време со многу премрежиња и непознаници.
Точно е дека кај нас фоторепортерите ги покриваат сите сфери од интерес на животот – политика, стопанство, култура, спорт, естрада… Естрадата можеби малку повеќе му го одвлекла вниманието, особено во периодот кога „Екран“, од рубрика во „Нова Македонија“, почнал да излегува како неделник. Но, Живко повторно се вратил во матичната редакција и продолжил со снимањата за дневниот весник.
Неговото наследство е огромно, а и вие самата сте фоторепортерка. Дали имате некоја порака од него по која се водите во вашата работа или ја паметите како значаен совет?
„Важно е да ги разликуваме важните од неважните работи.“ Не знам од каде ја собрал оваа поговорка, но во последните негови години постојано ја повторуваше дури и за најбанални работи. Како поминуваат годините, така почнувам сè повеќе да разбирам што сакал да каже. Самата почнувам да ги разграничувам оние луѓе и ситуации на кои вреди да им се посвети повеќе труд и енергија. Денес, оваа негова девиза е применлива не само за работата туку и во сите други животни околности.