Даниела Милошеска е модна претприемачка и креаторка, основачка на брендот „Бастет Ноар“. Прочитајте за одржливите колекции, нејзината инспирација, желби и работни предизвици.
Инспирација за колекцијата „Boss Babes“ пронајдов во…
Искрено, колекцијата „Boss Babes“ во мене беше комплетно инспирирана од мојата партнерка Милена Танаскоска, која заедно со мене е дел од дизајнерскиот тим на „Бастет Ноар“ зад оваа колекција. Иако нејзиниот стил е колоритен, а мојот повеќе е ориентиран на земјени тонови, одлично се комплементираме во однос на силуети. Го обожавам нејзиниот стил и сакав да го пресликам во секое парче облека во неутрални нијанси.
Кога работам на определено модно парче најважно ми е…
Материјалот и деталите. Особено значајно ми е да се задржи минимализмот, а сепак да не биде досадно. Начинот на кој тоа парче е изработено од квалитетот на конците што се користат за изработка, па сè до начинот на кој се работат штеповите е нешто преку кое не можам да поминам доколку не е совршено.
„Бастет Ноар“ се разликува од другите модни брендови по…
Постојат многу нешта што нè разликуваат од другите брендови. Кога би морала да избирам, мислам дека тоа по што станавме препознатливи е фактот дека сè што работиме се работи според мерки. Целиот процес на работа е различен од она што го прават другите онлајн-брендови. Фактот што исто така работиме со остатоци од материјали, изработувајќи дизајни во лимитирани едиции е нешто што нашите клиенти не само што го поддржуваат туку и навистина го ценат.
Омилен материјал за работа ми е…
Уф, навистина не би можела да се одлучам за омилен материјал. Сакам сè што е пријатно на допир. Во принцип, гравитирам повеќе кон природни материјали, кашмир, волна, купро свила и памук.
Најубаво се чувствувам облечена во…
Пред извесно време читав за психологијата зад облеката и како одредени работи те прават да се чувствуваш. Факт што многу ме изненади беше тоа што „body-hugging“ аутфити те прават да се чувствуваш посамоуверено и помагаат во моменти кога се чувствуваш демотивирано, тажно и неиспирирано. Кој би рекол?! Морав да ја тестирам оваа теорија, дел поради љубопитност, дел поради тоа што бев длабоко убедена дека во релативно мрачни моменти она што ти помага е да облечеш колку што е можно поголем дуксер. Купив боди и буквално не го соблеков од мене. Најверојатно има нешто зад целата таа теорија, така што сако, боди, панталони, мантил и патики се мојата секојдневна униформа во зима.
Најголем работен предизвик ми е…
Да најдам втора Елена, која веќе две години е интегрален дел од „Бастет Ноар“. Формирањето тим кој ќе биде полн со елан и ентузијазам за учење и да преземе одговорност во момент кога се прават грешки засега е еден од најголемите предизвици со кои се соочувам. (Во моментов бараме практикант за следната година, па тие што се заинтересирани, можат да ни испратат кратка биографија на info@bastetnoir.com.)
Настојувам да сум општествено одговорна за…
Начинот на кој ја консумирам модата, а настојувам секогаш кога работиме со шнајдерки да бидат фер и навремено исплатени. Особено битен ми е овој дел, поради фактот што и компанијата е настаната како резултат на мојата желба да помогнам на шнајдерка, која беше и сѐ уште е самохрана мајка.
Карактерна особина што најмногу ми помага при работата?…
Упорност, упорност и повеќе упорност. Можеби и мојата љубопитна природа и желба континуирано и непрекинато да учам и да се надградувам.
Омилен секојдневен ритуал…
Вечерниот дефинитивно. Времето меѓу 19 и 21.30 часот е посебно за мене, поради тоа што тоа е период резервиран само за мене, кога вежбам јога, слушам добра музика и религиозно секоја вечер палам свеќи и глумам просветленост. Шегата настрана, фанатик сум на добри мириси и сакам домот да ми мириса убаво, па затоа имам милиони свеќи и цвеќиња во буквално секој агол. Кога ќе додадеш на тоа туш, рутина за убавина и нега, полноќни разговори со Алекса, топол-ладен напиток, зависно од сезоната и добра книга, тоа е она што ги прави тешките денови да се претворат во возбудливи и прифатливи ноќи.
Кога со еден збор би требала да го опишам „Бастет Ноар“ тоа би бил…
Опсесија.
Модно парче што никогаш не би го облекла…
Сè што е во неон боја.
Да купуваш дизајнерско парче облека значи…
Да инвестираш во луѓе кои се грижат за начинот на кој тоа парче е сработено, од позиционирањето на патентот, до употребата на видот на штеп, до точната отвореност на шлицот или грбот, па сè до моментот како сите овие работи во комбинација прават тоа парче да трае подолго. Процесот на изработка на облека е комплексна работа во која влегуваат многу компоненти. Ако сакате навистина да ја спознаете вредноста на дизајнерско парче, седнете на машина и само тогаш ќе станете свесни колку многу работа има и ќе сфатите зошто тие парчиња заслужуваат да ја имаат таа вредност што ја имаат. Плус, кога ќе го додадете на тоа и времето поминато во истражување не само на трендовите туку и конкретно на пазарот каде што продавате, правење „moodboards“, цртање скеч, па сè до изработка и модифицирање на шаблоните, дизајнерското парче облека почнува да станува многу повеќе од само парче. Постанува инвестиција во цела една заедница на луѓе кои стојат зад тоа.
Книга што ми оставила најсилен впечаток…
Читам многу, така што не би можела да се одлучам за една, но можам да издвојам од она што во последно време ми оставило впечаток, а тоа се „48 Laws of Power“ и „Handmaid’s Tale“ и „The Testaments“, a омилена за цел живот ми е „Божествена комедија“ од Данте Алигиери.
Омилена социјална мрежа…
„Тик-ток“, поради тоа што претежно ми користи како „Комеди сентрал“ и секогаш ме забавува и ме смее.