Слаткарката и чоколатиерката Ивана Костадиновска која живее и работи во Прага (@lostinbaking) пред неколку месеци ја претставивме во разговор за „Портрет“ (линк), сега ни испрати рецепт за неодоливо тирамису со кокос.
Кој не би обожувал изладен десерт со интензивен вкус на свежо сварено кафе, свилена крема од кокос и маскарпоне, дополнета со горко – слаткиот вкус на какао во прав. Десерт што одзема минимално време на подготвка, а неговата најголема маана е чекањето да се стегне во фрижидер. Мал twist на класичната верзија на традиционалното тирамису, кој верувам ќе освои многумина!
Количината е доволна за 3-4 чаши од 200 мл.
Потребни состојки:
– 200 гр. пишкоти за тирамису
– 150 гр. еспресо, оладено
– 1 конзерва кокосово млеко (преку ноќ оставено во фрижидер)
– 100 гр. маскарпоне
– 100 гр. слатка павлака
– 50 гр. кафеав или обичен шеќер
За декорација – какао во прав, струготини од чоколада, кокос, зрна од какао
Подготовка – во сад со миксер го матиме маскарпонето заедно со шеќерот, ја додаваме слатка павлака и продолжуваме да матиме сè додека смесата не се соедини, околу 2 минути. Во сад настрана го вадиме само цврстиот дел од кокосовото млеко, кој што се наоѓа на врвот од конзервата. Кратко го матиме со миксер, добиениот кокосов крем го соединуваме со кремата од маскарпоне и слатка павлака, промешуваме со шпатула до воедначување на смесата. Во чаши за сервирање најпрво нанесуваме малку од кокосовиот крем, над неа редиме неколку пишкоти потопени во еспресо, повторно од кремот и така се додека не ја наполниме чашата. Подготвеното тирамису го оставаме во фрижидер неколку часа. Пред сервирање декорираме со какао во прав, струготини од чоколада и кокос.