Тинејџерите и младите над 18 години, практично оние од генерација З, создадоа сосема нов културен правец поврзан со технолошкиот напредок, социјалните мрежи и паметните телефони. Новата меме-култура е комична уметничка форма што може да биде дефинирана како шеги претставени преку фотографии, цртани, видеа со дополнување и нивни наслов што може да се интерпретира како извадено од контекст, метафорично или критично „поврзување“ со одредено расположение или одредена појава.
Мемето на Докинс наспроти мемето на Гудвин
Терминот меме го дефинирал познатиот британски биолог Ричард Докинс во 1976 година. Тој ја споредил културната еволуција со биолошката еволуција, со тоа што мемето е „единица на култура“, како што генот е единица на генетичко наследство. Изразот е кратенка што се содржи во грчките зборови „мимема“, „мимеистхаи“ и „мимос“ со значење имитација. Како што гените се пренесуваат од генерација на генерација, така и мемето се пренесува преку процес на селекција и има влијание да создаде културна еволуција. Интернет-мемето првпат било споменато од Мајк Гудвин во магазинот „Вајрд“ во јуни 1993 година, а разликата помеѓу оригиналното меме од Докинс и денешното интернет-меме е тоа што интернет-мемето е намерно предизвикано од човечката креативност, наспроти случајната мутација и процесот на селекција. Мемињата најчесто се пренесуваат преку социјалните мрежи и нивната цел е забавна и смешна, а културата што се разви со споделување на мемињата стана заразна за сите генерации и дел од секојдневието што го поминуваме на паметните телефони. Ширењето на мемињата стана толку популарно што почнаа да се употребуваат и да се вклопуваат во каков било разговор. Веќе се говори и за зависност од мемиња кога повеќето корисници дел од времето го поминуваат читајќи и правејќи мемиња.
Комуникација со јавноста
Реалните или фиктивните ликови и настани со малку имагинација стануваат иконски мемиња и повеќето се прифатени многу позитивно. Иако мемињата не се секогаш пристојни или иновативни, сепак се киберреакција на најпопуларните и универзално прифатените идеи. Некои се побиваат со тоа дека ова е уметничка форма или, пак, културна компонента, но останува фактот дека се особено точен претставник на популарните медиуми и секојдневието. Толку длабоко фатија корен во комуникациската онлајн-мрежа што се користат и како начин на критика и исмевање на некои појави во општеството, однесувања на политичари, глобални настани… Сите се сеќаваме на мачките на Питер Ванхауте, поранешниот посредник на ЕУ во Македонија, кој за време на преговорите помеѓу опозицијата и власта кај нас за Договорот од Пржино, самиот одлучи да почне поголема комуникација со јавноста токму преку неговите добро познати мемиња. На смешен и досетлив начин мачињата на „Твитер“ проговорија за изборниот список, демократијата, медиумите… За краток период тие станаа толку популарни, што мејнстрим медиумите речиси секој ден правеа новинарски прилози за новото објавено меме на европскиот посредник. Мемињата на еден начин претставуваат и директна комуникација на јавноста со засегнатата страна која е критикувана или претворена во меме, а тоа што секој може да стане мета, ја прави меме-културата уште подостапна и „поблиска“ за креативните и досетливи корисници кои на располагање имаат цел арсенал за правење мемиња.