Децата на милениумците овој пат се главен фокус на новите технологии и маркетинг-стратегии. Генерацијата Алфа полека но сигурно го зазема местото на генерацијата З.
Со години, медиумите беа фокусирани на генерацијата милениумци, односно генерација Ипсилон, додека претходно главна беше генерацијата Ем-ти-ви или Икс. Сега, насекаде се зборува за генерацијата З. Но, што доаѓа по неа? Терминот генерација Алфа првпат го употреби Марк Мекриндл, австралиски демограф и истражувач. Тој ја дефинира генерацијата Алфа на родени од 2010 до 2024 година, додека генерацијата З се оние родени од 1995 до 2009 година. Совпаѓањето со годината кога по првпат излезе ајпадот, 2010-та, е совршена отскочна штица за новата технолошки освестена генерација која расте со таблети и паметни телефони, зборува со паметни звучници (Алекса), има еден куп информации на дланка, учи преку интерактивни и дигитални платформи (и паметни бироа) и можеби никогаш нема да мора да извади возачка дозвола благодарение на новите технологии во автомобилската индустрија.
Според Мекриндл, повеќе од 2,5 милиони бебиња се раѓаат неделно низ целиот свет (претежнодеца на миленумците), што значи дека до 2025 година оваа генерација ќе брои две милијарди луѓе. Се очекува тие да бидат најобразовани, особено поради фактот што сè повеќе се практикува тип на образование уште од најмала возраст, а се верува дека ќе бидат и најбогати, со оглед на технолошките иновации и интелектуалниот развој. Мекриндл предвидува дека адолесценцијата ќе почне порано за нив поради биолошкиот тренд за порана физичка зрелост, но од друга страна ќе трае подолго, со тоа што тие би оделе подолго во училиште, профитот не би им бил главна цел и повеќе би пролонгирале брак и деца, што значи дека и подолго би живееле со нивните родители.
Генерација Стакло
Елементот што ја дефинира генерацијата Алфа е технологијата. А тука настапуваат технолошките брендови што сè повеќе се осврнуваат на своите маркетинг-стратегии преку децата. Голем удел денес во тоа каков технолошки уред ќе купат родителите имаат и децата, или е по нивна желба или по нивна препорака. Поголемата дигитална писменост од една страна води до поинаков начин на учење, но од друга страна се намалува вниманието и социјалните вештини. „Алфашите“ растат пред екран до тој степен што ги нарекуваат и генерација Стакло поради начинот на интеракција преку екран било да е телефон, рачен часовник, очила, екрани во автомобили, паметни бироа во интерактивни училишта… А брендовите се тука да го искористат тоа, па така веќе постојат и десет инфлуенсери под десет години, меѓу кои е и Рајан Каји, осумгодишното момче од Тексас, кој од популарноста на каналот „Јутјуб“, каде што има видеа за критика на играчки, во 2018 година заработил 22 милиони долари според „Форбс“.
Овие појави упатуваат на тоа дека технологијата за генерација Алфа нема да биде нешто одделено од нив, туку екстензија на нивната свест и на нивниот идентитет. Поради тоа се верува дека многумина од оваа генерација ќе го преферираат виртуелниот свет, наместо реалниот. Секако, остануваат барем уште пет години да видиме како ќе се развиваат „алфашите“, со оглед на тоа што повеќето се под десет години, а дел од нив сè уште не ја знаат ни азбуката.
Извори: