Слаткарката и чоколатиерката Ивана Костадиновска која живее и работи во Прага (@lostinbaking) пред неколку месеци ја претставивме во разговор за „Портрет“ (линк), сега ни испрати рецепт за куглов со млечна чоколада.
Најмекиот и најсочниот чоколаден куглов, со неодолив вкус на млечна чоколада, кој останува мек и сочен со денови и секогаш буди насмевка кај најблиските. Идеален за појадок, како завршна слатка точка по богат ручек, со кафе или како сладок подарок за вљубените во чоколада!
Потребни состојки:
– 8 белки
– 90 гр. кафеав или обичен шеќер
– 300 гр. квалитетна млечна чоколада
– 8 жолчки
– 130 гр. путер, плус за подмачкување на калапот за печење
– 60 гр. масло
– 165 гр. брашно
– 10 гр. прашок за пециво
Подготовка – Чоколадата заедно со путерот се топи на пареа, се трга од оган се додава маслото. Се се промешува и се остава да се подолади. Мешајќи во изладената смеса се додаваат жолчките. Белките се матат со шеќерот се додека не се добие цврст снег, потоа постепено се додаваат во чоколадната смеса, притоа мешајќи со шпатула. На крај внимателно се вмешува просеаното брашно и прашокот за пециво. Смесата се истура во претходно подмачкан калап за куглов со дијаметар од 26 см. Се пече во загреана рерна на 150 С – 90 минути. Откако колачот целосно ќе се олади, се превртува и сервира на собна температура. По желба се посипува со шеќер во прав.